Регион
Се укинува шоуто „Задруга“ – Вучиќ побара, Митровиќ става клуч

Сопственикот на српската телевизија Пинк, Жељко Митровиќ, на „Твитер“ објави дека оценката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ е поважна од интересот на „ТВ Пинк“ и од неговиот личен интерес. Затоа и донел одлука за укинување на реалното шоу „Задруга“ што е можно поскоро.
Митровиќ, најави дека во наредните десетина дена ќе го откаже реалното шоу „Задруга“.
Претходно, медиумите во Србија објавија дека Вучиќ изјавил оти во разговор со сопственикот на телевизијата Пинк го замолил да ја разгледа можноста за укинување на реалното шоу.
Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ изреагира на објавата на Жељко Митровиќ, сопственикот на телевизијата Пинк, дека ќе го укине контроверзното реално шоу „Задруга“.
Како што објави босанскиот медиум „Кликс“, Трифуновиќ кратко искоментирал на неговата објава: „Брате, доцна е. Предоцна. За сѐ“.
По масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, јавноста покрена петиција за укинување на реалните шоуа и одземање на лиценците за работа на телевизиите „Пинк“ и „Хепи“. Исто така, едно од барањата на протестот „Србија против насилството“ беше укинување на програмите кои промовираат насилство и неморал, како што се реалните шоуа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Лукашенко испрати писмо со поддршка до Додик

„Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се грижи за својата татковина и народ и ги штити националните интереси и покрај надворешните притисоци“, се вели во писмото на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, до претседателот на РС.
Лукашенко му изрази искрена благодарност на Додик за топлите и срдечни зборови што претседателот на РС му ги упатил по повод неговиот роденден.
„Многу сум задоволен што ги слушам тие зборови од човек што се грижи и за својата татковина и народ и ги штити националните интереси, без оглед на разните невидени надворешни притисоци“, рекол Лукашенко, пренесува „Срна“.
Лукашенко истакна дека целосно го дели мислењето на Додик за неопходноста од натамошен развој на билатералните односи, како и за постигнување повисоко ниво на квалитет на односите меѓу РС и Белорусија.
Белорускиот претседател ја потврди подготвеноста на Минск да помогне на сите начини.
„Со задоволство се сеќавам на нашата средба и отворен конструктивен дијалог. Задоволство ми е што повторно ќе ве угостиме, почит кон вас“, додал Лукашенко во писмото.
Регион
Жена во Младеновац го претепала својот зет, па ги изгребала и ги гризнала полицајците кога дошле да ја приведат

Полицијата во Младеновац ја уапси Ј. В., која вчера во Младеновац под дејство на алкохол го претепала својот зет З. М.
Таа при приведувањето изгребала и гризнала еден полицаец за раката, а друг за дланката.
Сите повредени мажи се примени во Здравствениот дом во Младеновац, каде што им се констатирани полесни физички повреди.
На Ј. В. за семејно насилство и напад врз службено лице одреден ѝ е полициски притвор до 48 часа.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство Младеновац.
Регион
Ослободени четворица Срби осомничени за вооружен конфликт во Бањска

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека во вторник ослободило четворица осомничени за случајот во Бањска во Звечан бидејќи според нив немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот, објави приштинска „Коха“.
Како што соопштија од Обвинителството, осомничените се уапсени далеку од местото на настанот.
„Ве информираме дека четирите лица, кои беа уапсени за време на акцијата на косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, далеку од местото на настанот, вчера беа ослободени од Специјалното обвинителство на Република Косово во отсуство на докази од косовската полиција“, соопшти во средата Обвинителството, пренесува „Коха“.
Косовската полиција уапси осум лица во врска со вооружениот напад што се случи во неделата во Бањска во Звечан, каде што беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку.