Регион
САД: Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за Западен Балкан

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, ја поздрави изјавата на Европската Унија за Западен Балкан по самитот на Брдо кај Крањ.
„Ја поздравуваме изјавата на ЕУ за Западен Балкан. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија продолжуваат да ја покажуваат својата посветеност кон реформите. Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за нив “, рече тој на Твитер.
Лидерите на Европската Унија, со согласност на лидерите на Западен Балкан, усвоија Декларација на самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, со која се потврдува посветеноста на Унијата кон процесот на проширување и се најавува засилен заеднички ангажман за целокупната трансформација на регионот.
Во Декларацијата не се споменуваат рокови или датуми поврзани со продолжувањето на процесот на проширување.
„ЕУ ја реафирмира својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините одлуки донесени врз основа на веродостојни партнерски реформи, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги. Ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за унапредување на политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, истовремено признавајќи го напредокот постигнат од Западен Балкан. Потсетуваме и на важноста што ЕУ може да го одржува и продлабочува сопствениот развој, обезбедувајќи ја неговата способност да интегрира нови членки “, се наведува на почетокот на Декларацијата.
Декларацијата, исто така, се однесува на континуираниот одговор на пандемијата на коронавирус и потребата за тесна соработка за нејзино надминување. Наведени се и економскиот и инвестициски план (ЕИП) и упатствата за имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан.
Се додава дека ЕУ и Западен Балкан споделуваат голем број безбедносни предизвици кои бараат координирана акција и се согласуваат да ја зајакнат соработката за клучните безбедносни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ за обвинувањата дека пијан испратил порака на „Инстаграм“: Никогаш не сум испил шолја кафе, не сум запалил цигара ниту, пак, сум пробал дрога

Српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за својата видеопорака објавена вчера на својот инстаграм-профил за која некои оценија дека е снимена под дејство на алкохол.
„Кога ќе им кажете на странските агенти, како оние со кои разговарав во тој момент, дека лажат и кажуваат лаги, секогаш ќе ви кажат дека сте пијани и под дејство на дрога. Никогаш во животот не сум испил шолја кафе, никогаш во животот не сум запалил пура или цигара, никогаш во животот не сум видел никаква дрога“, рекол Вучиќ, а потоа раскажа анегдота од детството.
„Кога имав 17 години, имаше натпревар меѓу ‘Железничар’ и ‘Црвена звезда’. Купот беше… Некој натпревар, отидовме во среда. Тогаш видов некои момци како дуваат лепило прв и последен пат и се замешав со нив, а да не зборувам што се случи потоа. Беше некаде помеѓу Адашевац и Винковци. Никогаш во животот не сум видел или вкусил повеќе. Сакам само да им кажам на луѓето да видат какви лажговци се“, изјави Вучиќ.
Тој изјави дека ваквите напади врз него „немаат крај ниту, пак, некогаш ќе завршат“.
Регион
На 105-годишна возраст почина актерката Бранка Веселиновиќ

На 105-годишна возраст почина легендарната Бранка Веселиновиќ. Таа беше најстарата жива актерка во светот.
Таа е родена далечната 1918 година во Нови Бечеј, а во текот на кариерата играла во повеќе од 100 претстави во театарот и повеќе од 50 телевизиски серии и филмови.
Добитничка е на многубројни награди и признанија за својата актерска и хуманитарна работа, пренесе „Б92“.
Регион
Граѓаните на Турција бесни на властите: „Никој не ни помага, сами копаме во урнатините“

Во Турција граѓаните се сè полути поради, како што велат, бавната и неадекватна реакција на владата на разорниот земјотрес, во кој досега загинаа повеќе од 8.000 луѓе. Спасувачите ги пребаруваа урнатините во текот на ноќта, а беа попречени од студот, уништените патишта и лошата инфраструктура.
На снимките од воздух се гледа како тие ги пребаруваат урнатините на куќите во селото Салќин во провинцијата Идлиб барајќи жртви и преживеани. Турскиот претседател Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 провинции. Но, некои жители на градовите погодени од земјотресот изразија гнев и очај поради бавниот одговор на властите на најсмртоносниот земјотрес што ја погоди Турција во последните децении.
„Овде нема ниту еден човек, никој не помага. Снег врне, бездомници сме, без ништо. Што да правам, каде да одам“, изјави Мурат Алинак за „Ројтерс“, а чиј дом се урна во Малатја.
Жителите на градот Газијантеп наведуваат дека 12 часа по земјотресот не пристигнала ниту една спасувачка екипа и дека морале сами да ги пребаруваат урнатините. Кога спасувачите, конечно, дошле во понеделникот вечерта, работеле само неколку часа, а потоа паднала ноќта, пишува „Гардијан“.
Многу Турци го изразија својот гнев на интернет поради, како што рекоа, невнимателниот одговор на итната состојба во најјужната провинција Хатај, при што многумина се жалат дека спасувачите не успеале да стигнат до областа. Во Хатај земјотресот срамни со земја неколку владини згради, вклучително и локалниот разгранок на турската агенција за помош при катастрофи, АФАД.