Регион
Таткото на девојчето што се удави во кампот на Халкидик шокиран од изјавата на вработените: „Се напила малку вода…“
Таткото на 8-годишното девојче Ангелики, кое се удави во базен во камп на Халкидик, изјави дека кога му се јавиле вработените да ги известат за несреќата, му рекле дека девојчето „се напило вода“, а потоа дека било пронајдено во несвест.
Христос Казазис во интервју за грчките медиуми изјави дека е шокиран од изјавата на вработените дека ќерка му се удавила затоа што „испила вода од базенот“.
„Од кампот ни се јавија околу 16 часот, што многу нè изненади бидејќи знаевме дека во тој момент ручаат. Кога потврдивме дека сме родители на Ангелики, ни рекоа дека нашата ќерка испила вода, а потоа додадоа дека била пронајдена онесвестена“, рекол таткото.
Кога родителите почнале да се подготвуваат да заминат во кампот, добиле повик дека девојчето е однесено во болница.
„Веднаш отидовме во болница, детето веќе беше интубирано таму. Пристигнавме и ги чекавме резултатите“, изјави Христос.
Таткото додаде дека, дефинитивно, имало големи пропусти во организацијата и грижата од страна на луѓето во кампот.
Во понеделникот, 19 август, на кампот на Халкидик му беше одземена лиценцата.
Општина Касандра со едногласна одлука на општинскиот одбор ја одзеде дозволата за работа на базени во кампот во кој беше пронајдено осумгодишно девојче во несвест, кое подоцна почина. Имено, на средбата било кажано дека еден од базените немал соодветна ограда и не е безбеден за децата. Вториот базен ги имаше истите неколку пропусти. Никаде немаше елеци за спасување или маркери за длабочина.
Исто така, констатирано е дека спасувачите не биле во близина за време на трагичниот настан.
Според одлуката од 2016 година, со која се дефинирани критериумите за работа на камповите, базенот мора да се наоѓа на безбеден и соодветно ограден простор со фиксна ограда од 1,20 метар и под надзор на спасител.
Да потсетиме, водачот на групата изјавил дека наводно не ги броел децата кога излегле од водата и дека дури во трпезаријата сфатил дека осумгодишното девојче го нема. Во тој момент тој во паника почнал да го бара девојчето, без да го извести кампот.
Спасителот наводно рекол дека не забележал никого во водата околу 13 часот. Алармот во кампот бил вклучен нешто пред 15 часот, речиси два часа подоцна.
„Штом децата завршија со пливањето – околу 13:15 часот според распоредот – погледнав во базенот. Не видов никого во него и потоа ја заклучив двојната влезна врата“, вели спасителот во својата изјава.
Истрагата продолжува, додека семејството на девојчето бара одговори на прашањето како се случила оваа трагедија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сопругата на Трифуновиќ: Сергеј е казнет за меме-фотката, но не е нејзин автор
Сопругата на Сергеј Трифуновиќ, Исидора проговори за неодамнешниот случај на српскиот актер. Таа во интервју за ТВ Блиц изјави дека актерот е осуден на една година затвор условно и дека мора да ја напушти Хрватска до 22 септември.
„Сергеј е казнет за меме фотографија, тој не е автор на таа фотографија, тој е дистрибутер. Фотографијата е спорна. Овој случај нема врска со оној од минатата година во Сплит. Сергеј тогаш беше осуден и плати. Имајќи предвид дека тој не беше на територијата на Република Хрватска кога ја сподели таа фотографија, не ни е јасно дали важат хрватските закони“, изјави Исидора.
„Нему му е забранет влез во Хрватска на три месеци. Тој мора да ја напушти Хрватска до 22 септември“, додаде таа, а потоа раскажа како таа и Сергеј го поминале времето во Хрватска откако тој бил ослободен.
„Одморивме, прошетавме, тој е разочаран поради начинот на кој го третираа. Не се чувствува добро за околностите. Моите родители живеат во Хрватска, никој не ни гарантира што ќе биде следниот пат ако решиме заедно да ги посетиме“, заклучи Исидора.
Сергеј Трифуновиќ беше уапсен во вторник околу полноќ на граничниот премин Бајаково додека преминувал од Србија кон Хрватска. Потоа бил спроведен во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит. Трифуновиќ пред судот изјави дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет.
Регион
Хрватска се подготвува за поплави: Се поставуваат насипи, службите на терен
Источна и централна Европа беа тешко погодени од поплавите, 16 лица загинаа, илјадници останаа без покрив над главата, а вкупната штета се брои во стотици милиони евра.
Циклонот „Борис“ продолжува да се заканува, реките надојдоа. Хрватска е во опасност поради Дунав. Другите реки се помалку проблематични, пренесуваат хрватските медиуми.
„Имаме мапи за ризик и опасност од поплави. Сигурно ова е една од петте најголеми во историјата. Ова може да се спореди со 2013 година. Но сите ние се бориме против тоа и неуморно работевме, дење и ноќе. Сега има повеќе од 300 луѓе на терен, а пратени се повеќе од 10.000 вреќи, изјави генералниот директор на „Хрватски води“, Зоран Ѓуроковиќ, коментирајќи ја можноста од поплави и водостојот на реките.
Напомена и дека нема недостиг од материјал, ниту од работна сила.
Хрватска, како што рече, е подготвена, без разлика на зголемениот ризик. Исто така, предвидува дека ниту една населена област не треба да биде загрозена.
„Имавме доволно време бидејќи бранот вода патува седум дена до Хрватска. На сите луѓе им беше предложено колкаво ниво на водата може да се очекува, а обезбедивме и луѓе и ресурси. Од недела кога ќе ги завршиме сите активности, главен фокус ќе бидат насипите затоа што не смеат да попуштат“, заклучи Ѓуроковиќ.
Тој одговори и на прашањето како може ситуацијата да се избегне:
„За жал, пред се, придонесоа климатските промени и екстремните хидролошки услови, а тие области имаат поголема населеност, густо се изградени, има и земјоделски површини, а ги стесниле котлинските профили, па можни се природни поплави“ рече тој и продолжи:
„Тешко е да се надградат системите. Традиционално се прават. Проблемот е да се направат десет километри насипи, а само во Хрватска имаме 4.100 километри насипи. Во моментот кога имате најава за екстремни околности не е можно да ги надградиме насипите, ако тоа не беше направено со години пред тоа, да се прилагоди на климатските промени и да се направи се за да се осигура дека дел од водата е безопасна од излевање.
Како ја доживеа одбраната од поплави во Европа? Гледаме дека парламентот во Будимпешта е како остров.
„Унгарија има долга традиција на одбрана од поплави и верувам дека ќе се брани подобро од другите земји. Германија, Австрија, Словенија и Италија имаат големи проблеми. Добро се спротивставуваме досега, без разлика на рекордните водостои на некои реки Ние го прифаќаме сето ова без поголеми последици, но мора да работите, ништо не се случува само по себе.
Регион
Пилот пријавил дека во авионот има бомба: принудно слетал на аеродромот во Подгорица
Капетанот на „ЛОТполиш“ пријавил во полиција во Подгорица дека во авионот на таа компанија има бомба.
На терен е и полицијата, како и полициската антидиверзантска заштита, пренесуваат медиумите во соседството.
Од аеродромот официјално беше соопштено дека нешто пред 17 часот на аеродромот во Подгорица започнала вонредна инспекција на авионот на националната полска авиокомпанија „ЛОТ Полиш ерлајнс“, пишува „Вијести“.
Од таму изјавиле дека авионот бил изолиран и далеку од патничкиот терминал.
Сите други патници се безбедни, а останатите операции засега се одвиваат непречено. Контролата се врши според пропишаните процедури во синхронизирана акција на Полициската управа, аеродромот и другите служби“, се вели во соопштението.
Авионот од Варшава (LO585) летал над Црна Гора, но капетанот по дојавата на Контролата на летање кажал дека мора да слета на пистата на аеродромот во Подгорица.
Полскиот авион слетал во 16:34 часот и во тек е антидиверзантска проверка, стои во написите на медимите.