Регион
Телото на Данка од Србија се бара во бунари, септички јами, шахти – осомничените дале 20 погрешни локации

По исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ (2) од Бор, припадниците на српското МВР активно трагаа по неа.
Полицијата веќе во првите часови по исчезнувањето, ја проверуваше секоја дупка во која можело да падне девојчето, но откога беше објавено дека е убиено и дека зад убиството стојат работниците на јавното претпријатие „Водовод“, полицајците почнаа да го бараат телото на девојчето во бунарите, шахтите. Се сомнева дека овој правец на претресот е почнат токму поради тоа што осомничените добро ги познавале шахтите и бунарите во селата Бањско Поле и Злот.
Бањско Поле беше клучно место во првите денови од потрагата по Данка Илиќ. До доцна во ноќта по девојчето трагаа голем број полицајци, како и пожарникари и спасувачи. Ги прегледаа и шумата и секоја педа од Бањско Поле – од грмушки, бараки, недовршени згради, па сѐ до септички јами, бунари и шахти.
И покрај признанието на Дејан дека го извршил убиството, а Далибор дека му помогнал на својот брат да го скрие телото, сѐ уште не се знае каде е скриено телото на девојчето.
Во меѓувреме, Далибор почина во полициска станица за време на приведувањето, а полицијата со денови стои пред домот на семејството Драгијевиќ, каде што остана само мајката на Дејан, Светлана.
Најпрвин била испразнета септичката јама во нивниот двор во селото Злот, потоа влегол багер, а бил прегледан и бунарот, кој се наоѓа во соседниот двор.
Полицајците извршиле увид и во дворот на соседот на семејството Драгијевиќ – од септичката јама до бунарот.
Пожарникарите и спасувачите при претресот испумпувале и вода од блиското мочуриште.
Далибор Драгијевиќ, кој почина ноќта меѓу 6 и 7 април во полициска станица, призна дека му помогнал на својот брат да се ослободи од телото на двегодишната Данка. На полицијата ѝ набројал 20-ина локации на кои би можело да биде телото, но на тие места полицијата не пронашла ништо, пишува „Блиц“.
Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поле кога отишла на семејниот имот со мајка си Ивана и нејзиниот тригодишен брат.
Се сомнева дека Јанковиќ и Драгијевиќ првин го удриле девојчето со службениот автомобил. Драгијевиќ потоа наводно го задавил девојчето и се ослободиле од телото, кое досега не е пронајдено.
Драгијевиќ пред обвинителот го признал делото, а Јанковиќ се бранел молчејќи. Потоа на двајцата им беше одреден притвор до 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.