Регион
Тој бил нарцисоиден и размислувал како да има 20 години – судски вештак за момчето од Врачар

Специјалистот по судска медицина, д-р Љубиша Божиќ, смета дека според досегашните информации може да се заклучи дека момчето убиец Коста К.(13) од Врачар верувал дека е подобар од сите и бил нарцисоидна личност.
Тој посочува дека изјавата на мајката е важна за истрагата, но оти вината за масакрот што се случи не е кај неа.
„Точно е дека мајката можела да реагира доколку забележала дека нешто не е во ред, што би го видела доколку максимално се фокусирала на момчето. Меѓутоа, промените кај децата на таа возраст се чести и логично е тоа да се припише на пубертетот. Никој не го познава вашето дете подобро од вас, а да беше фокусот на него, можно е многу работи да беа поинаку“, вели д-р Божиќ, пренесе „Информер“.
Според него, момчето не се ни однесувало како некој што има само 13 години, бидејќи го променило однесувањето кон најблиските токму кога го смислило пеколниот план, туку постапувал како да има 20 години.
„Се однесува и размислува како дваесетгодишник. Барал внимание од околината, родителите, пријателите, а кога видел дека не реагираат на него онака како што тој би сакал, во тој момент почнал да кова план и да ‘става маска’“, вели специјалистот.
Дури кога испланирал сè, објаснува д-р Божиќ, почнал да се однесува нормално кон родителите и пријателите.
„Тоа го направил, најверојатно, затоа што не сакал да се истражи неговото однесување и да му се уништи планот. Она што е видливо во неговото однесување е дека тој беше особено нарцисоиден. Тоа порано се гледало во неговиот однос кон другарите во училиштето. Бил убеден дека е различен од сите, но во смисла дека е подобар. Коста бил неговиот најголем проблем. Запоставувањето од страна на родителите во овој случај не може да се сфати како буквално, бидејќи пред се било во главата на момчето“, рече вештакот.
Српските медиуми вчера објавија детали од сослушувањето на мајката на Коста. Таа во полицијата зборувала за неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи. Кажала и што правел Коста деновите и кобното утро пред масакрот. Сите детали од сведечењето, на ЛИНКОТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косово врие од лажни евро монети – уапсени и лица од Македонија кои внеле над 10.000 такви монети во Приштина

Келнерите во едно кафуле во Приштина се откажаа од проверката дали монетите од две евра се оригинални или не, бидејќи ужасно голем дел од нив се фалсификувани, а поради квалитетот на некои речиси е невозможно да се открие дали се лажни или не.
„На почетокот сите внимаваа и ги проверуваа монетите од две евра“, вели келнерот Ендрит. Тој и неговите колеги ставале парички под светло или ги пуштале на маса и проверувале како звучат.
„Сега веќе не го правиме тоа… можеби добиваме вистински пари, а можеби и лажни пари. Исти се“, вели тој, пренесе „Индекс“.
Количината на монети од две евра во оптек годинава е драстично зголемена, велат владините агенции.
Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото. Во лабораторијата во Приштина експерти проверувале повеќе од 30.000 лажни евро монети во првата половина од годината, наспроти 4.451 во истиот период лани.
„Квалитетот оди од многу лош до многу добар“, вели Вјолца Мавриќи, лабораторија.
„Претходно монетите не беа магнетни како сега. Имаа проблеми со грамажата, но сега целосно одговараат на оригиналот“, додаде таа. Полицијата соопшти дека лани пријавила 804 случаи на фалсификат кај обвинителството, а годинава досега 486 случаи.
„Индекс“ пишува дека во април полицијата уапсила маж и жена кои од Македонија донеле 10.600 фалсификувани монети од две евра во Косово. Бројни Албанци на социјалните мрежи објавуваат видеа на кои нудат лажни монети за 10 до 20 отсто од вредноста на вистинските евра.
Регион
Петмина Бугари во Британија обвинети дека се руски шпиони

Петмина државјани кои живеат во Обединетото Кралство ќе бидат обвинети за заговор за шпионажа за Русија.
Петмината ќе се појават во Вестминстерскиот суд следниот вторник, пишува „Би-Би-Си“.
Бугарските државјани се обвинети за заговор во периодот од август 2020 до февруари 2023 година за собирање информации кои би биле корисни за непријателот.
Обвинението уследи по истрагата на лондонската полиција. Тие се обвинети дека работеле на активни операции во Велика Британија и Европа и собирале и препраќале информации до руската држава.
Долги години живееле во Велика Британија. Кога беа уапсени во август, Би-Би-Си објави дека кај нив биле пронајдени лажни документи како лични карти и пасоши. Имале документи и од Бугарија, Франција, Шпанија, Италија, Грција, Словенија, Велика Британија, Чешка и Хрватска.
Кои се Бугарите обвинети за шпионажа?
Орлин Русев има историја на водење бизнис во Русија. Тој се преселил во Велика Британија во 2009 година и поминал три години работејќи во техничка улога во финансиските услуги. Неговиот профил на LinkedIn наведува дека тој подоцна поседувал компанија која се занимавала со разузнавање на сигнали, што вклучува следење на комуникациите или електронски сигнали, пишува Би-Би-Си.
Русев, чија последна адреса е приморска куќа за гости во Грејт Јармут, исто така вели дека некогаш бил советник на бугарското Министерство за енергетика.
Во Хароу, поранешните соседи ги опишаа Бизера Замбазов и Катрин Иванова како пар. Замбазов е опишан како возач, а Иванова спроред профилот на LinkedIn има лабораторија за приватен здравствен бизнис.
Брачниот пар кој се преселил во Британија пред десет години водел социјална организација која обезбедувала услуги за Бугарите, вклучително и запознавање со „културата и нормите на британското општество“. Според бугарските државни документи на Интернет, тие работеле и за изборни комисии во Лондон кои им овозможуваат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на бугарските избори, пишува Би-Би-Си.
Регион
Вучиќ: „Пред ОН ќе ги кажам фактите и вистината, нема да им се допадне тоа“

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека принципите на меѓународното јавно право и Косово и Метохија ќе бидат главни теми на говорот што утре ќе го одржи пред Обединетите нации.
Тој истакна и дека не е сигурен дека некому ќе му се допадне неговиот говор.
„Како некој што долго време се занимава со оваа работа и е ветеран, сакам да оставам трага со тој говор и да ги замолам граѓаните да го слушаат. Ќе биде по пет часот по српско време“, изјави Вучиќ за новинарите во Њујорк.
Тој рече дека ќе ги каже фактите и вистината. „Верувам дека тоа нема да им се допадне на многу луѓе“, додаде тој.
Посочи и дека при изборот на факти и вистина, од една страна, и дали тоа некому ќе му се допадне, го избира второто. Рече дека можеби ќе зборува подолго од предвидените 15 минути и дека нема да дозволи да биде прекинат.
„Не сум сигурен дека тоа некому ќе му се допадне поради општото лицемерство во светот. И за тоа ќе зборувам. Сите се повикуваа на принципи што постојат ако ги усвоите и ги применувате во секоја ситуација, а не тогаш кога вам ви одговара“, рече Вучиќ.
Според Вучиќ, ако територијалниот интегритет е највисок принцип во меѓународното право, тогаш како се кршат Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244.
„Тука нема принципи. Бараме и овде да важи она што се почитува во Украина, а тоа е територијалниот интегритет на Србија“, рече Вучиќ и истакна дека само за Србија се спротивни принципи.