Регион
Тригодишно девојче во Србија се отруло со алкохол: имало 4,5 промили алкохол во крвта
Тригодишно девојче од селото Брајковац, недалеку од Лазаревац во Србија, минатата недела се отруло со алкохол. Тоа се случило во семејниот дом кога девојчето најверојатно испило ракија.
Девојчето било донесено на Детската клиника во Тиршова во многу алкохолизирана состојба, а според „Новости“ нивото на алкохол во крвта на детето бил 4,5 промили.
Извор од истрагата за „Новости“ изјавил дека девојчето е во тешка состојба но навреме било донесено во болница.
Според последните информации, девојчето било во куќата со двајцата постари браќа и сестрата и во еден момент наводно пронашла шише ракија од кое се напила.
Соседот за медиумите изјавил дека браќата го качиле онесвестеното девојче на трамполина пред куќата и истрчале кај соседите да им кажат што се случило и да побараат помош.
Му го покажале шишето од кое пиело девојчето. Соседот рекол дека немал автомобил да го вози детето, па му се јавил на таткото на девојчето, кој не живеел со семејството, туку во Шабац.
Според приказната на соседот, таткото пристигнал за час и половина и го однел девојчето во болница. „Новости“ пренесува дека девојчето се опоравува, дека е во стабилна состојба и дека наскоро ќе биде отпуштено.
Со оглед на количеството алкохол во крвта и фактот дека се работи за тригодишно дете, на девојчето и се заканувало дијализа. Основното јавно обвинителство Лазаревац вчера нареди полицијата да поднесе кривична пријава против мајката на девојчето. Како што е соопштено, врз основа на прибраните докази во последните денови, мајката се сомничи дека сторила кривично дело кршење на семејните обврски.
Мајката ќе биде под истрага кога ќе ја напушти болницата во која е од минатата недела. Мајката ќе биде сослушана во обвинителството, а по завршувањето на доказната постапка ќе се одлучува дали против неа ќе биде поднесен обвинителен акт, пишува медиумот.
Новинските извештаи наведуваат дека мајката била бремена во третиот месец и имала спонтан абортус, и дека поради тоа се наоѓа во болница во Белград. Таму била задржана на лекување. Нејзините четири деца на возраст од 13, 12, 8 и 3 години останале сами дома. Наводно побарала од сосед да се грижи за нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Мајката на едно од убиените деца во „Рибникар“: Момчето-убиец имаше безизразно лице, како возрасните не го забележаа тоа?
Мајката на Андрије Чикиќ, момчето кое лани во мај го уби Коста К. во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, даде интервју за ТВ Прва.
Сузана Станковиќ Чикиќ во својата исповед зборуваше за нејзината потрага по смисла по трагедијата што ја доживеа. Немам повеќе деца и се обидувам да најдам начин и причина зошто постојам на овој свет по трагедијата“, рекла мајката, пренесува Блиц.
„Човек бара причина зошто дише, зошто живее. Немам повеќе деца и се обидувам да најдам причина. Не можам да го вратам син ми, но ќе направам се’ да не настрада и друго дете“, рече Сузана.
Мајката на убиеното момче зборуваше за прашањето за одговорноста во случајот со масакрот во белградското училиште.
„Како е можно никој да не одговара за 10 изгубени животи?! Мора под итно да промениме нешто во нашиот систем за да не се повтори тоа“, рече Чикиќ.
Таа се залага за промени кои ќе спречат слични трагедии, нагласувајќи ја важноста на натпреварот што го носи името на нејзиниот син Андрија Чикиќ. Нејзината борба за правда и одговорност е длабоко поврзана со болката што ја носи.
„Свесни сме дека насилството стана премногу присутно во нашето општество. Ми се чини дека по трагедијата насилството ескалира, кога малолетниците сфатија дека не се одговорни. Мислам дека намалувањето на старосната граница на кривична одговорност на 12 години би било корисно. Малолетниците треба да бидат свесни за последицата од нивните постапки. Мислам дека родителите во голема мера се одговорни за тоа што се случи. Како е можно никој да не забележал дека детето има проблеми? Сега после трагедијата слушам од некои негови врсници дека бил чуден. Децата велат дека немал израз на лицето, се забележувало. Како е можно возрасните да не го забележале тоа?“, прашува мајката на убиениот ученик.
Чикиќ посочува дека многу се зборува за правата на децата, но не и за одговорноста.
„Правата водат до одговорност. Верувам дека само со текот на времето ќе сфатиме како функционирало тоа семејство и како тоа родителско однесување влијаело на децата“, изјави Чикиќ за ТВ Прва, а пренесува Блиц.
Регион
Славен, но празен: Егзодус на грчки остров, нема деца, училиштата се затворени
Кога ќе пристигне зимата на Антикитера, и онака малото население на изолираниот грчки остров уште повеќе се намалува.
„Ние сме дваесетина, нема деца, нема пекара“, вели началникот Јоргос Хархалакис, кој прави се што може за да го оживее малиот остров во Егејското Море. „Не се откажувам“, изјави тој за АФП, птенесе „Индекс“.
Антикитера, остров помеѓу Китера и Крит, како и многу други рурални региони во Грција, страда од сериозна депопулација. Островот е со големина на хрватскиот Вир и има 39 жители според пописот од 2021 година. Пред Втората светска војна имал илјада.
Хархалакис (37) сè уште се сеќава на своите први години во основно училиште во 1990-тите, пред неговото семејство, како и многу други, да биде принудено да се пресели на копното поради финансиски проблеми. Во тоа време, островот бил дом на фармери, рибари и сточари, рече тој. Денеска е населено само пристанишниот град Потамос.
Во карпестите височини на Антикитера сè уште се видливи сувите ѕидови на терасовите полиња меѓу напуштените и урнати куќи. Единствената врска на островот со надворешниот свет е бродот до Китера и Крит.
Поради егзодусот на жителите, основното училиште беше затворено на крајот на минатиот век, но накратко беше отворено во 2018 година за само тројца ученици, децата на Деспина и Диониз Андроникос, брачен пар кој се врати на островот од Атина.
„Кога мојата најстара ќерка заврши основно училиште во 2021 година, моравме повторно да заминеме за да може да оди во средно училиште во Китера“, рече Диониз Андроникос.
Училиштето беше принудено повторно да се затвори. На почетокот на оваа учебна година иста судбина имаа уште десет училишта низ Грција поради недостиг на ученици. Стапката на фертилитет во Грција е 1,43, што е под просекот на ЕУ од 1,53 деца, покажуваат податоците на агенцијата на ЕУ Евростат. Неодамнешното истражување на Грчкиот институт за демографски истражувања (ИДЕМ) покажа дека секоја трета општина во земјата има помалку од 10 раѓања годишно.Институтот ова го припишува на стареењето на населението во Грција, но и на „екстремно нерамномерната распределба на населението“.
Повеќе од една третина од Грците живеат во Атина. Со повеќе од една петтина од населението на возраст од 65 и повеќе години, Грција е на четвртото место меѓу земјите-членки на ЕУ со најголем број стари лица. Само Италија (23,8 отсто), Португалија (23,7 отсто) и Финска (23,1 отсто) се повисоко рангирани, според Евростат. За да бидат работите уште полоши, повеќе од половина милион млади луѓе ја напуштија земјата за време на финансискиот колапс во последната деценија.
Хархалакис вели дека главниот проблем во Антикитера е недостатокот на инфраструктура.
„Државата мора да понуди стимулации за изградба на куќи и продавници“, рече тој. Во зима, на островот има само едно кафуле, кое исто така е мала продавница. Со него управува човек на возраст од осумдесет години.
„Локалната популација старее и иднината на островот е доведена во прашање“, вели Кетрин Дехосал, пензионирана Французинка која времето го поминува меѓу островот и нејзината татковина. Оваа година Владата воведе стимулации за новороденчињата за борба против демографскиот колапс. Но, експертите предупредуваат дека зголемувањето на бројот на раѓања не е единствениот одговор.
„Стапките на смртност и имиграцијата играат важна улога и не треба да се минимизираат“, рече Вирон Коцаманис. Хархалакис се надева дека планираната опсерваторија за климатски промени на островот ќе создаде работни места.
Антикитера веќе ужива голема слава во научниот свет. Таму, на почетокот на 20 век, нуркачите со сунѓери пронајдоа астролошки часовник од вториот век во бродолом од римската ера, за кој се верува дека е најстариот компјутер во светот.
Регион
Во Македонија почувствуван земјотрес, епицентарот е во Врање
Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди јужна Србија, а истиот е почувствуван и во Македонија и во Бугарија.
Епицентарот на земјотресот бил на 12 километри североисточно од Врање, а потресот бил на длабочина од 14 километри и се почувствувал во 4 часот и 48 минути по локално време.