Регион
Туркулов за повредените во Нови Сад: сè уште се во животна опасност
Тројца пациенти, кои се здобија со тешки телесни повреди при падот на бетонската настрешница на зградата на железничката станица во Нови Сад, се уште се во животна опасност, изјави утрово в.д. директор на Клиничкиот центар „Војводина“ Весна Туркулов.
Иако кај двајца пациенти се забележани мали промени во стабилноста, Весна Туркулов за телевизијата К1 изјави дека нивната состојба може брзо да се промени и дека состојбата и понатаму е критична.
Лекарскиот тим прави максимални напори за стабилизирање на нивната здравствена состојба, додаде таа.
„Од моментот на прием во Ургентниот центар, едно лице е реанимирано, поради што нејзината состојба е нешто полоша од другите две, но сите се уште се животно загрозени и нестабилни“, изјави Туркулов, наведувајќи дека овие се сериозни повреди кои вклучуваат внатрешни повреди, крварење и модринки на ткивото поради затрупувањето од тешкиот товар.
Семејствата на тешко повредените пациенти, кои се здобија со тешки телесни повреди во несреќата на железничката станица во Нови Сад, цело време се со своите најблиски во болница, а се согласија и на психолошка помош, што многу им значи во овие тешки времиња, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас кај Ниш: бебе најдено во контејнер
Бебе е пронајдено во контејнер во селото Малошиште кај Дољевац.
Плачот на новороденчето го чул минувач којшто ја алармирал Итната помош, јавува Република. рс.
Педијатарот во Домот за здравје, Милош Богословиќ вели дека 16 години е лекар и ова е една од најпотресните ситуации со кои се соочил бидејќи е татко на две деца.
Од полициската управа во Ниш за „Танјуг“ потврдија дека бебето е во стабилна состојба.
Педијатарот рече дека бебето е здраво, тешко 2.950 грама, а станува збор за девојче.
Неофицијално, според пишувањата на дел од српските медиуми, мајката го фрлила новороденчето во контејнерот, и е пронајдена.
Се истражуваат сите околности на овој настан, а известено е и Основното јавно обвинителство Ниш, јавуваат српските медиуми.
Регион
(Видео) „Мамо, успеав“: Токиќ се расплака по кандидатурата за претседател на Хрватска
Државната изборна комисија на Република Хрватска (ДИП) донесе одлуки за валидно предложени кандидатури за претседател на Република Хрватска.
На списокот на оние што ги собраа потребните 10.000 потписи и кои ќе се појават на гласачките ливчиња в недела на 29 декември се: Миро Буљ, Томислав Јоњиќ, Ивана Кекин, Бранка Лозо, Зоран Милановиќ, Драган Приморац, Марија Селак Распудиќ и Нико Токиќ-Картело.
ДИК ги објави имињата на кандидатите вчера во 16 часот, а од моментот на објавување на листата на кандидати, рокот за приговори, кој може да се достави до Државната изборна комисија најдоцна до петок, 13 декември, до 24 часот, почна да тече.
Токиќ-Картело се расплака пред камерите на „Нова ТВ“ по објавувањето на кандидатурата.
„Не можам да ви опишам колку сум среќен! Мамо, успеав, ќе бидам кандидат, ќе бидам претседател на Хрватска“, низ солзи вели Токиќ-Картело.
Тој рече дека деловните обврски ќе ги стави во втор план и дека сака да докаже дека претседателската функција не е само протоколарна и со малку ингеренции.
„Претседателот може да прави што сака, да ги обединува луѓето, да ја развива економијата, може да биде поддршка за луѓето што се во неволја. Подготвен сум за таков предизвик и Хрватска ќе добие претседател од чија функција ќе почнат промените“, рече тој.
Регион
Двајцата повредени во несреќата во Нови Сад сè уште се во тешка состојба
Повредените при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, пациентот Ц. В. (18) и пациентката М. Т. (24), сè уште се на интензивна нега во Клиничкиот центар во Војводина и се во тешка, но стабилна здравствена состојба, соопштија денеска од КЦВ.
„Тие се свесни и дишат спонтано. Мултидисциплинарен консултативен тим од лекари, медицински сестри и здравствени техничари обезбедува комплексен интензивен третман со континуирано следење на виталните функции и психолошка поддршка, која е постојано присутна“, се вели во соопштението.
Во несреќа на 1 ноември загинаа 15 лица кога врз нив се урна армирано-бетонски натстрешник од неодамна реновираната зграда на железничката станица во Нови Сад, објави „Нова.рс“.