Регион
Франција и Германија: Не ја уценуваме Србија, само ги кажуваме предностите и последиците од предлогот

Германската амбасадорка, Анке Конрад, и францускиот амбасадор, Пјер Кошар, во Белград изјавија дека не ја уценуваат Србија. Тие утрово во емисија на ТВ „Прва“ разговараа за француско-германскиот предлог, што пишува и каква казна ја чека Србија доколку го одбие.
Може ли помирувањето и партнерството што Германија и Франција ги постигнаа пред 60 години со Елисејскиот договор да биде модел за односите на Србите со Албанците и Хрватите?
По завршувањето на Втората светска војна, на Германија и на Франција им беа потребни речиси 20 години да го потпишат Елисејскиот договор на 22 јануари 1963 година. Поминаа повеќе од 20 години од балканските војни во 90-тите, но косовското прашање сè уште не е решено, Србија и Хрватска деновиве повторно се обидуваат да ги одмрзнат односите, меѓуетничките односи во Босна и Херцеговина не се поместени премногу од деновите на Дејтон.
„Ако го разгледате Елисејскиот договор, мораме да кажеме дека тоа е голем успех, кој е изграден и направен по волја на германската канцеларка и претседателот на Данска. Тие имаа мудрост и храброст да потпишат договор, кој е единствен затоа што секој конфликт има своја заднина. Сметаме дека тоа може да биде инспирација за Србија затоа што мислиме дека може да биде добар чекор за помирување“, рече Конрад.
Медиумите објавија нацрт на германско-францускиот предлог за кој српскиот претседател Вучиќ синоќа изјави дека, всушност, е претходната верзија на тој план, која не се разликува многу од последната верзија. Тој истакна дека на состанокот на големата петорка му било кажано дека мора да го прифати планот, а дека во
спротивно Србија ќе се соочи со прекин на евроинтеграцискиот процес, запирање и повлекување на инвестициите и сеопфатни мерки во економска и политичка смисла.
„Претседателот Вучиќ рече дека тој документ е доверлив, не можеме да зборуваме за детали, но тој документ има една цел – а тоа е да се надмине конфликтот што трае со години. Сакаме да му дадеме нова динамика на дијалогот, нормализацијата на Белград и Приштина е целта и сакаме да го забрзаме“, изјави францускиот амбасадор Пјер Кошар.
Тој за заканите кон Србија вели: „Јас не сум учесник во преговорите, но можам да кажам дека немаме казнен пристап кон Србија. Не зборуваме за санкции и уцени. Предности и бенефиции прикажуваме само доколку се согласат двете страни, во спротивно ќе има последици, но тоа не се санкции, туку можност за развој на регионот“, тврди Кошар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Сплит казната за одење во костим за капење на улица и пиење алкохол на јавно место е 150 евра

На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи доколку бидат фатени по комунален ред ќе им следува казна од 150 евра, известуваат хрватските медиуми.
Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Жителите на Сплит и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редар, а уште 12 ќе чекаат на повик во зградата на градската управа.
Од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите разголени туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од новата година.
Регион
Хорор во Хрватска: Пациентка со нож избоде познат психијатар

Психијатарот Елвира Коиќ беше повредена во саботата попладне во својата канцеларија во Вировитица кога 37-годишна пациентка ја нападна и ја избоде со нож, пишуваат хрватските медиуми.
Докторката е пренесена во Општата болница Вировитица, каде што е на лекување, а според информациите, нејзиниот живот не е во животна опасност. Пациентката е уапсенa.
Елвира Којиќ е познат психијатар во Хрватска, којa голем дел од својата кариера посветила на работата со хрватските бранители кои страдаат од пострауматско стресно растројство, пренесува „Вечерњи лист“.
Регион
Курти: Не добив соодветни аргументи за формирање за Заедницата на српските општини

Косовскиот премиер Аљбин Курти смета дека европскиот предлог е добра основа за договор со Србија и дека е подготвен да разговара за договорите постигнати во Брисел, но рече дека не добил соодветни аргументи за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО).
Курти рече дека „не смета дека е неопходно да се создаде ЗСО, но оти е подготвен за дискусии за правата на немнозинските заедници“.
Откако го видел француско-германскиот предлог, вели тој, оттогаш преговараат за постигнување договор.