Регион
Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и од Иран

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ-Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и од Иран.
„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе ги евакуираме и амбасадорот и персоналот на Амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за Амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ-Радман за новинарите по владина седница.
На прашањето кога ќе почне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека Министерството е во постојан контакт со амбасадорот и со вработените.
„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда, каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално, чудо е што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ-Радман.
Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и за неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и со исеченици. Нивниот стан беше целосно уништен.
Министерот исто така нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и од Иран.
„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Силно невреме во Србија: ветерот корнеше дрвја, дел од зградите останаа без покриви

Силна бура го погоди Белград и некои делови од Србија во раните попладневни часови. Пет лица се повредени, а предизвикана е голема материјална штета, пренесуваат тамошните медиуми.
Бурни налети на ветер соборија кран на градилиштето во Нов Белград, превртеа приколка за влечно возило, а осамна и видео од Ледино кај Сурчин, каде што бројни станбени згради останаа без покриви. Луѓето во областа според написите, избегаа без никакви последици, а најмалку две згради останаа без покриви.
Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, објавува Спутник.
МУП издаде и тревога за ризик од силна бура со дожд, грмежи, голем град и силни налети на ветер.
Регион
Поради екстремните горештини затворен познатиот Акропол во Грција

Поради екстремната топлина што ја зафати Грција, познатиот Акропол во Атина ќе биде затворен за посетители до 17 часот.
Во земјата се очекуваат температури до 42 степени, а издадени се и бројни предупредувања поради зголемениот ризик од пожар, јавува Би-Би-Си.
Грчките власти одлучија повторно да го затворат Акрополот, еден од најпосетуваните археолошки локалитети во Европа, додека метеоролозите најавуваат нови високи температури и многу висок ризик од пожар.
Министерството за култура објави дека Акрополот ќе биде затворен во најжешкиот дел од денот, помеѓу 13 и 17 часот.
„Мерката е усвоена за безбедноста на вработените и посетителите“, соопшти Министерството за култура. Повеќе од 4,5 милиони луѓе го посетуваат Акрополот годишно.
Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.