Регион
Четворица загинати во поплавите во Бугарија и Турција, поплавени хотели и куќи

Невремето на јужниот бугарски брег на Црното Море однесе два животи, а на западот на Турција пет лица исчезнаа во поплавите.
Две лица загинаа, а уште три лица се сметаат за исчезнати, објави бугарскиот телевизиски канал „БТВ“, повикувајќи се на властите.
Многу хотели и куќи се поплавени по обилните дождови, јавуваат бугарските медиуми. Властите во градот Царево прогласија вонредна состојба откако реката Велека се излеа од коритото. Според извештаите, патиштата беа поплавени, некои мостови беа однесени, а неколку одморалишта беа отсечени.
Во одморалиштето Синеморец прекинато е снабдувањето со електрична енергија, а помалото село Кости е евакуирано. Властите во Царево ги повикаа луѓето да се преселат на повисоки места каде што е можно.
Петмина исчезнати во Турција
По обилните дождови и поплавите на западот на Турција, пет лица се водат како исчезнати, меѓу кои и едно дете, јави државната новинска агенција Анадолија. Поплавите однесоа и бунгалови во одморалиштето во западната провинција Киркларели во близина на границите со Грција и Бугарија.
Обилни дождови во понеделникот го погодија и градот Мугла во југозападна Турција, а гром предизвика пожари на 36 локации, јави Анадолија. Агенцијата за справување со катастрофи АФАД прогнозираше невреме во западниот и југозападниот дел на земјата, предупредувајќи за поројни поплави, удари на гром и силен ветер.
Турција во средината на август беше погодена од топлотен бран. Температурите на исток и понатаму се над нормалните вредности за овој период од годината, додека на други места времето е стабилизирано, соопшти метеоролошката служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Унгарскиот министер за надворешни работи: Украина се турка во ЕУ, додека Западен Балкан чека 15 години

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги критикуваше двојните стандарди на Европската унија, посочувајќи дека таа инсистира на членство на Украина, додека земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од 14,5 години.
„Додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен инсистира на членство на Украина до 2030 година, земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од 14,5 години“, рече Сијарто на прес-конференција по средбата со црногорскиот вицепремиер за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ.
Сијарто истакна дека „интеграцијата на овој регион ќе ја зајакне ЕУ, додека членството на Украина би претставувало економски и земјоделски ризици“.
Тој истакна дека е горд на напредокот на Црна Гора кон членството во ЕУ за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, истакнувајќи ја неговата поддршка за понатамошни преговори под полското претседателство.
Сијарто најави и зајакнување на економската соработка меѓу Унгарија и Црна Гора, нагласувајќи дека унгарскиот извоз во Црна Гора лани надмина 100 милиони евра, со значителни инвестиции во ИТ, телекомуникациите и финансискиот сектор.
Регион
Адвокатот на лидерот на босанските Срби: Не знаеме дали ќе се жалиме, Додик немаше правично судење

Адвокатскиот тим на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, сѐ уште не е сигурен дали тој ќе поднесе жалба на првостепената пресуда со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност, потврди денеска адвокатот на Додик, Горан Бубиќ.
Во првостепениот процес, судот на БиХ на 26 февруари го прогласи Додик за виновен за неприменување на одлуките на високиот претставник за БиХ, а Бубиќ рече дека одбраната сè уште не добила писмен примерок од оваа пресуда, па рокот за поднесување жалба не е ни почнат.
„Дали ќе се жалиме или не, ќе видиме откога ќе ни биде доставена копијата од пресудата“, изјави Бубиќ за „Евроњуз“ додавајќи дека сѐ уште тврди оти Додик немал правично судење бидејќи не му судел непристрасен, туку политички суд.
Веднаш по изрекувањето на пресудата, самиот Додик изјави дека не планира да се жали бидејќи и онака не го признава судот на БиХ, но додаде дека ќе им остави на адвокатите да постапат како што им одговара.
Доколку не поднесе жалба и пресудата автоматски стане правосилна или потврдена во второстепената постапка, Додик најави дека нема да го оствари правото да бара замена на затворската казна со глоба бидејќи, според законот, сѐ уште има можност да ја откупи за цена од 100 конвертибилни марки (50 евра) за секој ден или на крајот за речиси 18 илјади евра.
„Никогаш нема да дадам ниту фенинг за да ја откупам казната“, рече Додик пред пратениците во парламентот на Република Српска на денот на изрекувањето на пресудата.
Замената на затворската казна со глоба не е автоматска, туку оваа опција ја разгледува и одобрува судот на барање на осуденото лице, коj може, но не мора ја одобри таквата опција.
Меѓутоа, Додик и неговите најблиски соработници, премиерот на Република Српска (РС), Радован Вишковиќ, и претседателот на ентитетскиот парламент,. Ненад Стевандиќ, потоа се соочија со можност за ново кривично гонење, овој пат под сомнение дека сториле кривично дело загрозување на уставниот поредок на БиХ за кое се соочуваат со долги затворски казни.
Регион
Маж застрелан во парк во Белград додека кревал тегови

Полицијата во Белград трага по напаѓачот кој синоќа во парк во Вождовац го застрела 35-годишниот Милан Ф.
35-годишникот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во ВМА. Тој се здобил со прострелна рана во пределот на бутот и е надвор од животна опасност. Тој на полицијата и рекол дека бил во теретана во паркот и кревал тегови кога му пришол маж и го застрелал.
Телеграф неофицијално дознава дека полицијата на местото на настанот пронашла чаура. Инаку, 35-годишникот веќе и е познат на полицијата. Тој тврди дека не знае кој и зошто пукал во него.
За случајот е известено Вишото јавно обвинителство во Белград.