Регион
Човечки скелет без глава пронајден во шума во БиХ
Во полициската станица во БиХ, Ж. З. пријавил дека во шумата меѓу Периќ и Дуг, во градот Понир, пронашол човечки скелет без глава, со делови од облека, покрај кои имало ловечка пушка и нож, пишува „Кликс“.
Како што информираат од полицијата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК), за инцидентот биле известени Одделот за криминалистичка полиција на полициската управа Коњиќ и дежурниот обвинител.
Истрагата е завршена, полицијата засега не може да зборува за деталите за случајот, а повеќе информации ќе бидат познати по детаљните анализи на пронајдените примероци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Епстин бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк
Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епстин бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк, сместена на Петтата авенија – зградата на поранешна СФРЈ, позната како „Титовата вила“, пишува „Блиц“.
Овој архитектонски бисер се појавува во преписката што Епстин ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите има и електронска порака испратена до Епстин со 26 фотографии од вилата, план на просториите и извадок од текст објавен во „Њујорк пост“ во 2017 година, со наслов: „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
Утрото на 10 декември 2018 година, Епстин примил е-пошта од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт.
„Голем пожар во зградата што ја разгледувавме, Мисијата на Србија на Петтата авенија 854. Можеби сега е добро време за понуда, ако сте заинтересирани“, стои во пораката.
Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епстин на двајца соговорници, чии имиња се затемнети, им испратил линк до текст од „Њујорк пост“ за пожарот во вилата во сопственост на Мисијата на Србија.
„Амбасадата на Србија?“, прашал Епстин, на што добил одговор: „Мојата мисија јави.“
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епстин.
„Значително пореална“, добил одговор, со напомена: „Но треба да се пресметаат и трошоците за обнова.“
Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна – во 2022 година.
„Новиот сопственик купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјавил тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата „Даглас Елиман“, која ја реализирала продажбата.
Харпер додал дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижности“. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година. Во јуни 2021 година било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари и дека државите-наследнички постигнале согласност за продажба.
Врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата, на Србија ѝ припаднале нешто помалку од 40 проценти од износот добиен од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.
Според претходно објавениот оглас за продажба, вилата се простира на четири ката и има уште два кровни ката, вкупно 18 соби, шест бањи и вински подрум. Станува збор за првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
Наводно, за време на Студената војна, кога таму престојувал и Тито, на врвот постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Зградата, која со децении главно била недопрена, во моментот на продажбата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Регион
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.

