Регион
Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина: Мора постојано да внимаваме на малигното руско влијание
Босна и Херцеговина мора да биде во постојана готовност поради малигното руско влијание, а наводите за обука на лица што требаше да предизвикаат немири во Молдавија за време на минатонеделниот референдум и претседателските избори треба да бидат темелно истражени, предупреди министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Молдавската полиција извести дека минатата недела извршила рации во целата земја и уапсила неколку лица под сомнение дека подготвувале немири по инструкции од Русија, кои требало да го попречат референдумот.
Истрагата на молдавската полиција претходно доведе до информации дека Русија вложила значителни ресурси и пари за да не го попречува референдумот и да влијае на претседателските избори, па затоа организирале специјална обука на своја територија, но и во Србија и Босна и Херцеговина. Според собраните информации, таму биле обучувани млади луѓе, кои требало да учествуваат во проруски демонстрации.
Во исто време кога оваа информација беше објавена од Министерството за безбедност на БиХ, на чело со Ненад Нешиќ, коалицискиот партнер на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, имаше експресен демант во кој тие ги обвинија медиумите за ширење неточни информации, „кои апсолутно немаат врска со Босна и Херцеговина“.
Нема потврда за постоењето некои кампови за обука, но ОСА утврди дека пред два месеца во БиХ престојувале странски државјани од Истокот, кои може да се поврзат со обиди за организирање групи, чија цел е да ги нарушат јавните собири.
Потоа, министерот за надворешни работи, Конаковиќ, најави дека лично ќе инсистира на Советот на министрите на БиХ целата работа да се расчисти до крај бидејќи е сигурен дека во неговата земја има луѓе штосе занимаваат со конкретни задачи поврзани со руско влијание, а сега има информации и од ОСА, пренесуваат локални медиуми.
„Ова укажува и повикува на претпазливост, која мора да биде постојана кај нас, кои живееме во Босна и Херцеговина“, рече Конаковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Грција: човек затворил 58 мачки и ги мачел, осуден на 1,7 милиони евра казна
Грчки суд изрече казна од 1,7 милиони евра за суровост кон животните.
По дојава од минувачи, грчката полиција наишла на затвор за мачки. 68-годишен Грк затворил 58 мачки во трошна зграда. Ги оставил без храна, вода и ги мачел. Уапсениот човек им рекол на властите дека собирал животни скитници бидејќи бил чувствителен на нивната тешка состојба.
Неговите адвокати се обидоа да го претстават како ментално болен, но експертите на судот докажаа дека тој бил свесен за своите постапки.
За првпат, суд изрече казна од 1,7 милиони евра поради екстремната суровост на делото, коментираат адвокатите.
Судиите, исто така, ги забележаа претходните нечовечки и сурови дела на обвинетиот кон кучињата.
Животните се сместени во засолниште и за нив се грижи соопшти Сојузот за заштита на животните.
Регион
Борисов: Имаме предложено име за посебен управител во ‘Лукоил’, чекаме Радев да се изјасни
Чекаме претседателот Радев да донесе одлука – да стави вето или да го усвои законот, имаме име за посебен управител во Лукоил, тоа е договорено со партнерите, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред новинарите во парламентот.
Според него, единствената улога на шефот на државата е да стави вето на законот или да го донесе, а не да дава совети.
„Знам зошто го направи тоа, беше иритиран од писмо што му го испратив доверливо“, рече Борисов, без да даде детали.
„Можам да го уверам претседателот Радев дека секоја акција што ја преземаме е координирана со Европската комисија, OPAC и Министерството за енергетика на САД. Затоа, сè што барам е да проговори“, додаде Борисов, цитиран од БГНЕС.
Според него, доколку Радев не стави вето, веднаш ќе биде назначен управител.
„Сè е во ред – имаме бензин шест месеци, дизел четири, керозин два месеци“, објасни понатаму лидерот на ГЕРБ.
Борисов беше категоричен дека Пеевски нема да ја земе рафинеријата, исто како што нема да ја земат Кирил Петков и Асен Василев.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.

