Регион
Школската година во српските училишта завршува на 6 јуни, дел од „Рибникар“ ќе постане меморијален центар

Завршувањето на учебната година за сите училишта во Србија ќе биде на 6 јуни, а основното училиште „Владислав Рибникар“, каде на 3 мај се случи масовно убиство, ќе остане училиште и ќе добие меморијален дел, одлучи денеска српската Влада.
„Нашиот образовен систем е создаден со цел да обезбеди соодветна поддршка на сите ученици, да ги охрабри на патот кон учењето и да им овозможи да прераснат во здрави, свесни и одговорни личности. Во овој момент, поважно од кога било е да се фокусираме на она што е најдобро за нашите деца, бидејќи тие ја заслужуваат нашата целосна поддршка, љубов и грижа. Имајќи го предвид ова, Владата на Република Србија, поради трагедиите кои длабоко го погодија целото општество, донесе одлука учебната година да ја заврши на 6 јуни во сите основни и средни училишта во Србија – соопштија од Владата.
Се додава дека училиштата можат да продолжат со работа до 20 јуни, за учениците кои ќе го сакаат тоа. Во тој период може да се реализира дополнителна и подготвителна настава, настава во природа, како и други форми на воспитно-образовна работа, со цел да се поттикнат социјалните и емоционалните вештини на учениците и активности на теми толеранција, емпатија, заедништво, поддршка и благодарност.
„Важно е да се напомене дека сите ученици кои не се задоволни од својот успех ќе имаат можност да ги подобрат оценките на нивно лично барање до 20 јуни. Основното училиште „Владислав Рибникар“ ќе остане училиште. Ќе се реконструира и во текот на реконструкцијата ќе се изгради спомен дел во спомен на децата и училишниот чувар, кои секојдневно покажуваа исклучителност во тоа училиште. По вонредниот увид во ОУ „Владислав Рибникар“, потврдени се наодите на Центарот за социјална работа, Министерството за образование и Министерството за семејна грижа, дека во ова училиште немало врсничко насилство во однос на малолетникот К.К. Токму затоа бараме од сите медиуми со должно внимание да се однесуваат кон овие информации и да не објавуваат непотврдени информации, бидејќи со тоа продолжува процесот на трауматизирање на децата и родителите. Им благодариме на родителите, наставниците и на сите вработени во образовниот систем за разбирањето и поддршката“ се додава во соопштено е.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Од вчера ништо не може да биде исто“: Курти на комеморацијата за убиениот полицаец

Косовскиот премиер Албин Курти на комеморацијата за убиениот косовски полицаец Африм Буњаку изјави дека „од вчера ништо не може да биде исто“.
„Фактите излегоа пред нас, во нашите очи и во очите на меѓународната заедница, како и во очите на сите оние кои имаат храброст и волја да ја видат вистината за регионот во кој живееме“, рече Курти во својот говор, соопшти Владата на Косово.
„Денес во нашата земја е ден на жалост поради заедничката тага и болка за Африм Буњаку, нашиот полициски наредник кој вчера го загубивме. Но, денеска е и денот кога на полицаецот Африм Буњаку ќе му бидат доделени највисоките национални почести, бидејќи заедно со тагата и болката чувствуваме гордост и доверба за Африм и за сите косовски полицајци“, рече премиерот на Косово.
Курти потсети дека Буњаку бил убиен вчера од „група тешко вооружени, опремени и професионално обучени луѓе“.
„ Законитост и уставност, мир и безбедност, за секого и за се без разлика“, рече Курти.
На овој комеморативен собир, постхумно му беше доделен највисокиот орден на Африм Буњаку.
Регион
Курти има за цел да го разгори конфликтот и да спроведе етничко чистење на Србите, тврди Захарова

Влошувањето на ситуацијата на Косово, што доведе до крвопролевање, е последица на политиката на „премиерот“ на самопрогласената република Албин Курти, чија цел е да го разгори конфликтот и да ја исчисти територијата од Срби, изјави официјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Вчерашното крвопролевање е директна и непосредна последица на курсот на таканаречениот „премиер“ Аљбин Курти со цел разгорување на конфликтот и чистење на територијата на регионот од Србите“, се наведува во коментарот на Захарова, објавен на веб-страница на руското МНР.
„ Со ескалирање на ситуацијата, неговите обиди да предизвика дополнителен притисок од Западот врз српското раководство за да го принуди Белград да ја признае „независноста“ на Косово се постојана игра со оган, која, како што можеме да видиме, е прескапа и го носи целиот балкански регион на опасен раб“, додаде Захарова.
Таа посочи дека „полицијата“ на косовските Албанци систематски спроведувала криминални операции против српската заедница и дека не се занимава исклучиво со заплашување на граѓаните.
„Постои директна закана од продолжување на етничкото чистење, кое претходно го практикуваа албанските екстремисти на Косово“, нагласи Захарова.
„Убедени сме дека патот кон стабилизација и долгорочно решение на Косово се одвива исклучиво преку сеопфатна имплементација на основната резолуција на Советот за безбедност на ОН 1244 и бриселските договори на Белград и Приштина од 2013 и 2015 година “, заклучи Захарова.
Регион
Амбасада на САД: Косово и Србија веднаш да се вратат на дијалогот под покровителство на ЕУ

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Србија ги осуди координираните насилни напади врз косовската полиција во близина на манастирот Бањска.
Амбасадата оцени дека неодамнешните насилни напади врз косовската полиција во близина на манастирот Бањска се неприфатливи.
Nedavni nasilni napadi na Kosovsku policiju kod manastira Banjska su neprihvatljivi. Pozivamo vlade Kosova i Srbije da se uzdrže od poteza kojima bi dodatno povećali tenzije i da se odmah vrate dijalogu pod okriljem EU. https://t.co/pdxJ0wGKoj
— Američka ambasada (@USEmbassySerbia) September 25, 2023
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од потези кои дополнително ќе ги зголемат тензиите и веднаш да се вратат на дијалогот под покровителство на ЕУ“, соопшти американската амбасада на социјалната мрежа Х, поранешна Твитер.