Регион
Ќерката осомничена за убиство на мајка си, полицијата во Ниш ја бара

Во Ниш се случило страшно злосторство кога ќерката М.Ц., која имала триесет години, ја убила мајката З.Ц., а како што пренесуваат српските медиуми, според соседите, мајката и ќерката имале лоши односи со години.
-Ќерката беше ментално болна. Имаа многу проблеми во минатото, полицијата често им доаѓаше на врата поради тепачки – раскажуваат соседите.
Инаку, откако го извршила страшното злосторство, ќерката побегнала, а полицијата интензивно трага по неа.
– Во населбата во која живее ова семејство често наидувавме на огласи кои ги објавуваше ќерката на убиената. Знаеше да напише „Помогни ми, болна сум“ и секакви други работи, се жалеше дека ја малтретираат во куќата, а што всушност се случило зад тие затворени врати, веројатно само тие знаат – велат соседите.
Инаку, тие тврдат дека синоќа се слушнала силна врева од куќата која набрзо станала место на злосторство. Недолго потоа завладеала тишина, но никој од нив не можел да претпостави дека се работи за нешто такво.
„Имаше некои викања, кршење стакло, хаос, немавме поим што всушност се случи. Кога слушнавме дека ја убила мајка си, останавме шокирани. Подоцна слушнавме дека таткото чувал кози на ливада, а кога влегол дома имал што да види, сопругата лежела во локва крв, а од ќерката немало трага“, изјавиле соговорниците и додале дека виделе дека набргу по убиството по нивниот сокак со наведната глава се движела девојка за која претпоставуваат дека станува збор за осомничената.
-Полицијата се уште ја бара, кажавме што видовме, не сме сигурни дали воопшто е таа, но видовме девојка на нејзина возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.