Регион
Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран

Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран и им нареди на иранските дипломати и на персоналот на Амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа поради сајбер-нападите, кои се случија во јули за кои Тирана го обвини Техеран.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека овој екстремен одговор е целосно пропорционален на сериозноста и ризикот од сајбер-напад, кој се заканувал да ги осакати јавните услуги, да ги избрише дигиталните системи и да ги хакира владините записи, да ги украде владините електронски комуникации на интранетот и да ослободи хаос и несигурност во земјата.
„Советот на министрите одлучи веднаш да ги прекине дипломатските односи со Иран“, рече Рама.
Како што оцени, нападот не бил успешен.
„Штетата може да се смета за минимална во споредба со целите на агресорот. Сите системи повторно беа целосно функционални по нападот и ниту еден податок не беше неповратно избришан“, објасни тој.
Во јули во Албанија се случи сајбер-напад, кој привремено ги парализира владините веб-страници, а онлајн-владините служби мораа да бидат затворени.
Минатиот месец фирмата за сајбер-безбедност Mandiant оцени дека нападот во јули го извршил Иран, иако многу американски медиуми пишуваа дека, најверојатно, Русија стои зад нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Словенечки политичар се качи на покривот на Парламентот, се закани дека ќе се самоубие

Словенечкиот опозициски пратеник Андреј Хојвик денес се качи на покривот на Народното собрание во Љубљана, обраќајќи им се на минувачите и заканувајќи се дека ќе скокне.
Додека беше на покривот, Хојвик рече дека не осудува никого, вклучително и словенечкиот премиер Роберт Голоб, но дека „она што го прават на оваа земја не е добро“.
Пожарникари по некое време го симнаа Хојвик од покривот.
„Тој сега е безбеден и е однесен на пружање медицинска помош“, изјавија од Народното собрание во Љубљана за агенцијата СТА.
Други детали за инцидентот не се познати, а мотивот за неговите постапки засега е непознат.
Пратеникот беше отворен противник на владиниот закон за пензиски бонуси за наградувани уметници, кој беше отфрлен претходно овој месец на референдум инициран од СДС.
Регион
(Видео) Албанскиот премиер ја пречека Мелони на колена

За време на посетата на Албанија, италијанската премиерка Џорџа Мелони разговараше со домаќинот Еди Рама. Средбата меѓу Мелони и Рама ја одбележа и еден необичен детаљ.
Рама, како и на претходните пригоди, клекна пред италијанската премиерка, што ја насмеа италијанската лидерка.
„Не, Еди“, му рече Мелони низ смеа. „Тој го прави тоа за да биде висок колку мене“, додаде таа, а потоа срдечно се прегрнаа.
<
Рама клекна пред Мелони и во јануари оваа година, при што ѝ го честита роденденот.
Мелони и Рама разговараа за низа теми, вклучувајќи го и мигрантскиот камп, кој беше изграден во Ѓадер, во регионот на Лежа. Таму привремено ќе бидат сместени мигрантите од трети земји, кои се враќаат од Италија, додека не им се проверат документите.
Мелони, говорејќи од Тирана, каде што учествува на состанокот на европската политичка заедница, изјави дека работата таму бргу напредува, што, според нејзините зборови, покажува дека се е на добар пат.
На прашањето дали поминала покрај мигрантскиот центар, таа одговори: „Немав време. Работата продолжува и тоа покажува колку бргу се оди, што потврдува дека, како што ветивме, одиме во добра насока“.
Мелони се осврна и на војната во Украина велејќи дека Европската Унија мора да инсистира на безусловно примирје и на сериозен мировен договор, кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Киев.
„Не смееме да бараме алтернативи. Мораме да инсистираме на сериозни мировни договори и безусловен прекин на огнот, со безбедносни гаранции за Украина. Работиме на тоа“, рече Мелони.
Регион
Во Тирана почна самитот на европската политичка заедница

Шестиот самит на европската политичка заедница со мотото „Нова Европа во нов свет“ се одржува во Тирана, на кој учествуваат лидери од повеќе од 40 европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Домаќини на самитот се албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а една од темите на средбата се поддршката за европската интеграција на Западен Балкан, економската соработка, енергетската безбедност и зелената транзиција.
Премиерот на Албанија ги пречека лидерите и официјалните лица што учествуваат на самитот на плоштадот Скендербег во Тирана, а на самитот присуствуваат лидерите на земјите од регионот, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Италија, Џорџа Мелони, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност.
На самитот присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој од вчера најавува дека ќе биде слушната убава вест за македонските граѓани.
Дискусиите ќе се одржат на неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската стабилност на Европа, конкурентноста и економската безбедност, сложената динамика на миграцијата и на војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на самитот ќе се одржи прес-конференција, која заеднички ќе ја водат домаќинот на средбата, Рама, и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја в година ќе биде домаќин на самитот на европската политичка заедница.