Регион
Албанија ќе го забрза пристапот во ЕУ користејќи ChatGPT: „Ја намалуваме потребата од армија преведувачи и адвокати, што чини милиони евра“
Албанската влада планира да го забрза својот пристап во Европската Унија со користење на ChatGPT за да преведе илјадници страници законски мерки и одредби на ЕУ на албански јазик и потоа да ги интегрира во постојните правни структури.
Овој план ќе почне да се спроведува на почетокот на 2024 година по недамнешниот договор со извршната директорка на матичната компанија на ChatGPT, OpenAI, Мира Мурати, која е родена во Албанија, пренесува „Еуроактив“.
Моделот што ќе го користи албанската влада ќе вклучува превод на документи на албански јазик и ќе даде детален преглед на потребните измени и дополнувања на законодавството со цел Тирана да се усогласи со правилата на Европската Унија.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека на овој начин се намалува потребата од „армија преведувачи и адвокати, која чини милиони евра“ и дека ќе го забрза процесот.
Рама најави и дека вештачката интелигенција ќе замени голем дел од услугите во локалната и националната власт, особено во јавните набавки, во обид да се бори против корупцијата.
Албанија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2014 година, а по неколку години одложување на преговорите поради поврзаноста на напредокот на Албанија кон членството со напорите на Северна Македонија, процесот е деблокиран до летото 2022 година.
Премиерот на Албанија претходно ја изрази својата фрустрација поради, како што тврди, недостигот на мотивација и ентузијазам на ЕУ за проширување и што неговата земја е заложник на грчкото вето, како и на ветото на Бугарија против пристапувањето на Северна Македонија.
Грција го блокира писмото на 27-те земји членки до Европската комисија за отворањето на првите пет поглавја за прием на Албанија во ЕУ, пишува „Еуроактив“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Ќе поведеме соодветни мерки“ – српското министерство за смртта на осомничениот за убиството на малата Данка
Министерството за внатрешни работи на Србија се огласи за наводите повзарни со смртта на осомничениот во случајот со убиството на малата Данка, а во објавеното соопштение наведуваат како полицајците се однесувале кон него.
„Припадниците на Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешна контрола, по наредба на Вишото јавно обвинителство прибираат информации и ги утврдуваат фактите и околностите под кои во Полициската управа во Бор почина Д.Д. осомничен во случајот со убиството на малата Данка. Полициските службеници за време на постапката, постапуваат во целосност и во согласност со законите и своите овластувања“, се наведува во соопштението.
Тие исто така забележуваат дека секој што придонел за смртта на осомничениот ќе биде кривично гонет.
„Доколку се утврди дека имало злоупотреби и пречекорувања на овластувањата при постапување со починатиот Д.Д., Секторот за внатрешна контрола ќе поведе соодветни законски мерки против лицата кои го прекршиле законот и полициската етика, а за тоа јавноста ќе биде информирана навремено“, се додава.
Осомничениот Далибор Драгијевиќ (40) од Бор, кому му беше одреден притвор до 48 часа поради сомнение дека му помагал на Дејан Драгијевиќ (50), осомничен за тешкото убиство на двегодишната Данка Илиќ по криминал, почина на 7 април во Полициското одделение во Бор.
Според официјалното полициско соопштение, Далибор починал во притвор како последица на срцев удар.
Далибор Драгијевиќ беше уапсен на 6 април, заедно со неговиот татко Радослав, под сомнение дека му помагале на својот брат Дејан да го премести телото на убиената Данка Илиќ.
Далибор пред смртта признал дека му помогнал на својот брат Дејан да се ослободи од телото на Данка Илиќ. Тој ја водеше полицијата на неколку локации, но телото на Данка Илиќ не беше пронајдено на ниту една од нив.
Ненадејната смрт на братот на убиецот може да влијае на истрагата, бидејќи тој беше еден од трите клучни луѓе кои можеа да и помогнат на полицијата во потрагата по телото на Данка.
Регион
Србија испраќа хуманитарна помош за Палестинците: Денеска и утре летаат авиони со стока наменета за загрозените во Појасот Газа
Владата на Србија соопшти дека го усвоила Заклучокот за испраќање хуманитарна помош во стока за Палестина, како форма на помош за ранливото население поради критичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа.
Хуманитарната помош се дава во вид на храна, вода, медицинска опрема, како и шатори за сместување на семејствата, а вкупната вредност на робата е близу три милиони евра, со тежина од околу 900 тони.
Едниот авион денеска ќе ја земе помошта, а другиот утре, се наведува во соопштението и се додава дека „никој не може да процени“ кога оваа стока ќе стигне до жителите на Газа, со оглед на сложеноста на ситуацијата. Остатокот од хуманитарната помош во неколку наврати ќе биде транспортиран со бродови.
Владата се согласи со предлогот на Министерството за надворешни работи да одговори на повикот на специјализираната агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) за обезбедување финансиска поддршка на Програмата за итна помош на Газа, со уплата на средства во износ од 10.000 евра.
Регион
Внатрешната контрола на полицијата бара суспензија на тројцата полицајци кои го испрашуваа Драгијевиќ
Смртта на Далибор Драгијевиќ, братот на осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ (2) со недели е во фокусот на јавноста бидејќи обдукцијата покажала дека тој починал од насилна смрт додека бил во полициски притвор. Целиот случај со насилна смрт го истражува Секторот за внатрешна контрола (СУК), кој, според неофицијалните информации побарал суспензија на тројцата полицајци кои кобниот ден го испрашувале Драгијевиќ во станица.
Откако на 1 мај Одделот за внатрешна контрола изврши увид во полицијата во Бор, а со цел да се утврдат околностите под кои почина Драгијевиќ на 7 април, надлежните од СУК и предложија на надлежната организациска единица на Управата на полицијата да се спроведе дисциплинска постапка поведена против тројца членови на Одделението за криминалистички истраги на ЈУ Бор – Д.Б, И.С и Д.П, како и да донесе решение за времено отстранување од служба.
Според неофицијалните информации Далибор Драгијевиќ бил малтретиран од полицијата од моментот кога бил приведен поради сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на Данка.
Во текот на денот бил претепан од одредени припадници на полицијата, додека го носеле на различни локации за да им покаже каде е телото на двегодишното девојче, за што тврдел дека не знае.