Регион
Алергиски реакции кај службениците кои броеле гласови во Косово
Во Центарот за броење и резултати во Косово, денеска околу 11 часот, во текот на пребројувањето на гласовите пристигнати преку пошта од Србија, дошло до алергиска реакција кај неколку службеници, поради што било прекинато пребројувањето на гласовите, јавува агенцијата „Анадолија“.
Како што е соопштено од Универзитетскиот болнички центар на Косово, на Инфективна клиника околу 12 часот пријавени се 9 пациентки од кои две биле бремени, со симптоми на чешање на раката со низок интензитет.
„Две пациентки повраќаа. Сите имаа чувство на непријатност и страв. Во сите случаи немаше инфективен синдром и општата состојба им е стабилна. Пациентките тврдат дека веднаш по отворањето на ковертите од гласачките кутии, почувствувале непријатен мирис“, се наведува во соопштението.
Се додава дека дежурната екипа на Инфективната клиника им пружила лекарска помош на пациентките.
Портпаролот на Централната изборна комисија, Валмир Елези, за АА потврди дека обвинителот и полицијата излегле на местото на настанот и вршат истрага, и дека се чека нивен извештај.
Портпаролот на Полицијата на Косово, Даут Хоџа, за АА изјави дека полицијата поседува информации и дека од полициски аспект го води случајот. За останатите детали, Хоџај ги упатува медиумите на адреса на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) и здравствените власти.
Во Косово, минатата недела, на 6 октомври одржани се предвремени парламентарни избори и во Центарот за броење и резултати во тек е пребројувањето на гласовите пристигнати преку пошта и од странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Загреб: пронајдено тело во автомобил во одводен канал
Граѓани попладнево во одводен канал во Загреб пронашле возило со тело на непознато лице, соопшти полицијата.
Повикот во полиција стигнал нешто по 13 часот.
Полицијата набрзо пристигнала на локацијата меѓу Антуновац и Тења и потврдила дека лицето во возилото починало, пишува Вечерњи лист.
Истрагата е во тек.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.