Регион
„Амнести интернешнл“: Злоупотреба на мигрантите на балканскиот пат
Европските влади се соучесници во систематскo, незаконскo и често насилнo одбивање и колективно протерување илјадници лица што бараат азил во мизерните и несигурни бегалски кампови во Босна и Херцеговина, се вели во извештајот на „Амнести интернешнл“.
Извештајот се фокусира на прекршувањата на човековите права против бегалците и мигрантите по должината на Западен Балкан фокусирајќи се на Босна и Херцеговина, Хрватска и на Словенија. Во него се потенцира дека широко се распространети присилни и колективни протерувања – честопати придружени со насилство – и рутински негирања на пристапи кои се редовна појава на границата помеѓу Босна и Херцеговина и Хрватска. Тие исто така се дел од системската и намерна политика на хрватските власти да ги обесхрабрат идните обиди за премин на границата и да покажат дека Хрватска може ефикасно да ја заштити надворешната граница на ЕУ. Сличен тренд на судири и колективни протерувања е документиран на словенечката и на италијанската граница.
„Турнати до работ: Насилството и злоупотребата на бегалците и мигрантите по должината на балканската рута“, е насловот на извештајот во кој се опишува во детали како, ставајќи ги во прв план безбедноста на границите и неусогласноста со меѓународните закони, европските влади не само што ја вртат главата од нападите на хрватската полицијата туку и ги финансираат нивните активности. На овој начин ја поттикнуваат растечката хуманитарна криза на работ на Европската Унија. Наодите во извештајот се донесени врз основа на истражувањето на „Амнести интернешнл“, која интервјуирала 94 бегалци, мигранти и баратели на азил, вклучувајќи и 81 маж и 13 жени сместени во камповите во Босна и Херцеговина. Сите деведесет и четири испитаници, кои биле во камповите во Бихаќ и Велика Кладуша, биле вратени барем еднаш од Хрватска и Словенија во Босна и Херцеговина.
Во извештајот се вклучени и претставници на невладини организации, активисти и волонтери, како и официјални власти од Босна и Херцеговина и Словенија, но и претставници на меѓународни организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

