Македонија
Ахмети утрово на кафе во Приштина, според објава на социјалните мрежи
На социјалните мрежи објавена е фотографија од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и генералниот секретар на партијата во угостителски објект во Приштина.
„Утринско кафе во Приштина со лидерот на народот, татковината и албанската нација, мојот пријател Али Ахмети и генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети“, пишува во објавата на социјалните мрежи.
Претходно, во Косово замина и најблискиот соработник на Ахмети, Артан Груби, кој се бара поради случајот со криминалот во „Државната лотарија“. Обвинителството вчера побара притвор за поранешниот вицепремиер, а во моментот се чека одлуката на судот.
Во земјата не е ниту првоосомничениот, ексдиректорот на „Државната лотарија“, Прперим Бајрами, за кого некои од медиумите објавија дека исто така се наоѓа во Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска за проблемите во градот : Кризите се политички мотивирани
Кризите се политички мотивирани, одговори градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на прашањето кај кого е вината за проблемот со јавниот превоз и за секоја нова криза која се појавува во главниот град.
„Овие кризи се решаваат многу едноставно и имаат решение кое се наоѓа во Советот на Град Скопје. 45 лица кои земаат по 600 евра за еден ден присуство на седница во Советот за да ги решат проблемите на скопјани. Како што постои во парламентарна демократија Парламент којшто носи закони коишто Владата ги спроведува, така и во градот Скопје постои Совет којшто мора да донесе одлука за градоначалникот и директорите на јавните претпријатија да ги спроведат. Верувам дека на целата јавност веќе по три години им е јасно дека ова се е политички мотивирано и дека доколку тука би стоел некој полтрон којшто би бил корумпиран, би ги решавал проблемите како што тие сакаат, да ги брцаат рачињата во медот на секои пет минути како им е ќеиф, вакви проблеми ние немаше да имаме“, рече Арсовска.
„Имаме криза затоа што стои човек кој нема намера да попушти пред ничии притисоци, затоа што е чесен и затоа што работиме се во интерес на граѓаните, па макар тие да саботираат и до последниот ден“, додаде Арсовска алудирајќи на себе си.
Запрашана за тоа уште за колку дена ЈСП Скопје има нафта за автобусите од интервентната набавка и кога ќе се распише тендер, таа рече дека не би знаела да одговори.
„Јас не распишувам ништо ново, тоа би требало како прашање да го упатите до директорот на ЈСП“, посочи Арсовска.
Македонија
Ахмети за посетата на Косово: Мојата поддршка никогаш нема да изостане
Лидерот на ДУИ Али Ахмети по посетата на Косово на социјалните мрежи обзнани дека денеска во Приштина се сретнал со Рамуши, Мемли и Лумир со кои разговарал како што пишува, за Косово, регионот и заедничката евроатлантска иднина.
„На Косово му требаат пријатели и сојузници и единствено решение е меѓусебното признавање, но тоа може да се постигне само со прогресивни политики и посветеност на иднината.
Мојата поддршка за Косово никогаш нема да изостане.
Ви благодариме за гостопримството браќа“, пишува Ахмети.
Претходно, во Косово замина и најблискиот соработник на Ахмети, Артан Груби, кој се бара поради случајот со криминалот во „Државната лотарија“. Обвинителството вчера побара притвор за поранешниот вицепремиер.
Македонија
Меџити: Секој ден придонесуваме за почист воздух
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити учествуваше во иницијативата за засадување садници во новиот Мега парк во општина Карпош, дел од акцијата за урбано зазеленување на Скопје, со донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
За време на иницијативата за засадување 956 дрвца, во присуство на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, претставникот на УНОПС во Северна Македонија, Марко Вујачиќ, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Меџити рече дека оваа иницијатива ја нагласува силата на партнерствата помеѓу Европската Унија, централната и локалната власт, како и партнерите за имплементација како што е УНОПС.
„Работејќи заедно, успешно ги усогласивме ресурсите, експертизата и заедничката посветеност за подобрување на урбаните средини. Со засадување на 956 дрвја, стари по две и три години, од 16 автохтони видови, кои покрај ефектот на намалување на количината на CO2 во атмосферата, ќе ги апсорбираат и ПМ честичките, ќе ги ограничат ефектите од урбаните топлински острови, дополнително со зеленилото на разни локации во градот ќе ја направат околината многу поубава и поатрактивна за рекреативни активности, како што се бреговите на реката Вардар”, рече Меџити.
Меџити информираше дека акцијата нема да се спроведува само во Скопје, туку дека вакви акции се преземени и ќе се преземаат во градовите Тетово, Куманово и Битола, а ќе може да им се приклучат и четирите најголеми градови во иницијативата на Економскиот совет на ОН за Европа „Предизвик на дрвјата во градовите“, бидејќи ќе бидат засадени околу 6000 дрвја, главно зимзелени, како дел од мерките против загадувањето на воздухот.
Амбасадорот на ЕУ рече дека преку оваа иницијатива е збогатена биолошката разновидност на градот, придонесувајќи за поздрав урбан екосистем, додавајќи дека засадувањето на близу 1000 дрвја придонесува за филтрирање на штетните загадувачи од воздухот и ги регулира хидролошките циклуси и ги подобрува зелените простори Скопје.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека ваквите иницијативи претставуваат конкретни акции за намалување на аерозагадувањето, а се однесува на еден од итните еколошки предизвици.
Дрвјата што беа засадени денеска ги донираше ЕУ преку проектот на ЕУ за чист воздух, додека засадувањето го направи Град Скопје преку ЈП Паркови и зеленило.