Регион
„Блумберг“ ја пофали Србија: Илјадници луѓе од Балканот дојдоа во оваа земја да се вакцинираат
Многубројни светски медиуми минатиот викенд ја пренесоа веста дека Србија вакцинирала повеќе од 20.000 странци, а меѓу нив беше и американската економска интернет-страница „Блумберг“.
Во текстот во кој ја фали Србија се наведува дека илјадници луѓе од целиот Балкан патувале во Србија изминатиот викенд за да ја примат првата доза вакцина против коронавирусот бидејќи пристапот до вакцините во нивните матични земји е слаб.
„Блумберг“ на почетокот на текстот посочува дека 22.000 луѓе патувале во Србија во саботата и неделата, нација со најбрза кампања за вакцинација во Европа. Повеќето луѓе примиле вакцина на „Астра зенека“ по добивањето избор за вакцина од западно производство за да може полесно да се квалификуваат за идните пасоши за вакцини.
Добро познатата економска страница посочува дека околу 8.500 дози им биле дадени на претприемачи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Албанија за да им помогнат на локалните и регионалните компании да останат во живот во пандемијата, изјави Марко Кадез, шеф на Економската комора на Србија.
„Блумберг“ понатаму наведува дека Србија увезла повеќе од 2,8 милиона вакцини за своите седум милиони граѓани откако српскиот претседател Александар Вучиќ преговараше за директни зделки со неколку производители вклучувајќи ги кинеската вакцина на „Синофарм“, на „Фајзер-Бионтек“, на „Астра зенека“ и руските производители на вакцини. Владата исто така испрати неколку илјади вакцини до соседите како донација претходно оваа година.
„Не можеме да бидеме успешни ако луѓето во регионот не се вакцинираат. Ние не сме остров“, рече Вучиќ, кој ја критикува Европската Унија за бавната дистрибуција на вакцините.
Весникот наведува дека вакцинацијата на деловните луѓе и нивните вработени од соседните земји ќе продолжи и во наредните денови во зависност од достапноста на вакцините и инфраструктурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Фатална грешка направиле млади луѓе во опожарената „Вјесник“: „Не викај пожарникари, ќе дојде и полицијата“
Пожарот што го зафати облакодерот на Вјесник, Загреб, и го претвори во огнена стихија наводно е последица на невнимателно однесување на група тинејџери кои се занимаваат со таканаречен „урбекс“ – истражување напуштени објекти за објави на социјалните мрежи. Според неофицијални информации, реконструирани се настаните што му претходеле на пожарот, а во нив биле вклучени четворица малолетници и двајца 18-годишници.
Влегување во зградата низ прозорец
Групата, составена претежно од малолетници, во понеделник попладне влегла во облакодерот на Вјесник така што се протнала низ скршен прозорец од страната која гледа кон улицата Одранска. Во зградата поминале неколку часа, разгледувајќи 15 ката, напуштени канцеларии и палeјќи и гасејќи светла. Нашле фрижидер со алкохол, а за време на престојот пушеле и ги гаселе опушоците. Истовремено снимале фотографии за објави на социјалните мрежи, пишува „Индекс“.
Цел им било да стигнат до кровната тераса за да направат атрактивни снимки од градот, но на 15. кат наишле на метални плочи што не успеале да ги поместат. Тогаш еден од малолетниците го повикал 18-годишник познат по „Јутуб“ содржини од напуштени објекти.
Повикале двајца полнолетни
Повиканиот млад човек пристигнал околу 21:50 часот во придружба на уште еден 18-годишник. Ја прескокнале оградата и се искачиле до 15. кат, каде се придружиле на групата, но ни тие не успеале да ја отстранат пречката. Во меѓувреме двајца малолетници од првичната група ја напуштиле зградата и заминале дома.
Според сомнежите на истражителите, по неуспешниот обид да се искачат на кровот, еден од 18-годишниците запалил фрлена кутија со документи. Другиот наводно му помогнал така што смачкал хартија, ја запалил и ја фрлил во кутијата. Пожарот многу брзо се проширил, поради што една малолетна девојка побегнала. Еден малолетник се обидувал да ја изгаси огнот и ги убедувал постарите да ги повикаат пожарникарите.
Наводно, тие му одговориле дека заедно со пожарникарите би дошла и полицијата, па сите тројца решиле да ја напуштат зградата. Облакодерот останал во пламен, а двајцата 18-годишници од синоќа се во истражен притвор.
Регион
„Фашизмот во Европа се буди“ – Вучиќ ужаснат по настапот на Томпсон и поздравот „За дом спремни“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го отвори Меѓународниот саем на вино, храна, ракија и туризам „Винска визија Отворен Балкан“, каде што посети неколку штандови, дегустираше вина и одговараше на новинарски прашања.
На прашање дали ги поканил претставниците на Хрватска да учествуваат на саемот, Вучиќ изјави дека формално не припаѓаат на иницијативата Отворен Балкан, но дека би сакал да ги види како учесници.
„Не припаѓаат на Отворениот Балкан, но немам ништо против, би се израдувал и верувам дека ќе ги поканам,“ рече претседателот.
Коментирајќи го инцидентот во Осиек, каде што за време на концерт на Томпсон се слушнал поздравот „За дом спремни“, Вучиќ изрази загриженост.
„Ужаснат сум од буењето на фашизмот во современа Европа, но што да правите? Се надевам дека Европската унија ќе ги осуди антисрпските и антисемитските фашистички повици во срцето на Европа. Што се однесува до Србите, кај нас фашизмот никогаш немал поддршка и никогаш нема да има, тоа со гордост можам да го кажам,“ истакна Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Вучиќ повтори дека хрватските винари се добредојдени на „Винска визија“ и изрази надеж дека регионалната соработка во рамки на Отворен Балкан ќе придонесе за поголемо поврзување и промоција на гастрономијата и винската култура во регионот.
Регион
(Видео) Снежните врнежи го парализираа регионот: застои во сообраќајот во Сараево, автомобили заглавени кај Сплит
Обилните снежни вренежи предизвикаа проблеми во регионот, а снег падна во Босна и Херцеговина и Хрватска, каде што дојде до застои во сообраќајот.
Како што пренесе Еуроњуз БиХ, во Сараево снегот утрово предизвикал тешкотии во движењето на возилата, застои и зголемен ризик од сообраќајни незгоди, соопштија од зимската служба на КЈКП „РАД“. На терен биле ангажирани 36 возила и 90 работници. Во општина Нови Град, тротоарите и локалните улици се чистеле рачно. Од „РАД“ посочија дека неозначените прекопи и препреки на патиштата го отежнуваат чистењето и предизвикуваат дефекти на возилата.
Федералниот хидрометеоролошки завод прогнозира облачно време со снег и дожд во поголемиот дел од Босна, а дожд во Херцеговина. Температурите се движат од –2 до +4 степени, а на југ до 12 степени. Метеоролозите предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и наредните денови, со повремени разведрувања и нови циклони. Граѓаните се повикуваат на претпазливост додека патиштата се расчистуваат.
Во Бања Лука, зимските служби исто така се на терен и делуваат според приоритетите. Механизацијата е ангажирана главно во повисоките делови на градот. За денеска е најавено студено време со снег и зголемување на снежната покривка – до вечерните часови се очекуваат околу 10 сантиметри снег, а во повисоките предели до 20 сантиметри.
Снег денеска паѓа низ цела Хрватска, а кај Сплит и Клиса сообраќајот е отежнат и повеќе автомобили се заглавени, објави метеоролошкиот сајт Crometeo. Снег паѓа и во Лика, Горски Котар, централна и северозападна Хрватска, Славонија и Далматинска Загора, пренесе „Индекс“.
Хрватскиот автоклуб (HAK) предупреди дека повеќето патишта се влажни или покриени со снег и се лизгави. Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ) соопшти дека најдебела снежна покривка утрово е измерена на Завижан — 32 сантиметри.

