Регион
Борел од Подгорица: Не треба да постои ништо поважно за Црна Гора од европскиот пат
„Сите политички актери и институции во Црна Гора треба да продолжат заедно да работат на реформите, во конструктивен дух, а други тековни политички прашања не треба да одвлекуваат внимание од реформската агенда што води кон полноправно членство во Европската Унија“.
Ова е пораката која денеска од Подгорица ја упати потпретседателот на Европската комисија – Жозеп Борел.
Тој заедно со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, учествуваа во работата на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ и Црна Гора.
Борел заклучи дека состанокот бил важен за да им се покаже на граѓаните на Црна Гора и на целиот регион, посветеноста на Брисел за заедничка иднина во ЕУ.
„Силата и фокусот на сите политички субјекти треба да бидат насочени на спроведување европски реформи. Не треба да постои ништо поважно за Црна Гора од европскиот пат, посебно во момент кога Црна Гора треба да биде водач во пристапните преговори“, вели Борел.
Вархељ, пак, рече дека со црногорски официјални лица разговарале за економскиот и инвестицискиот план со што ЕУ сака да ја забрза интеграцијата, па Црна Гора да може да биде еден од најголемите корисници, преку градење патишта и пруги што ќе ја поврзат земјата со соседите.
„Европа може да пружи огромна помош во сите овие предизвици. Во оваа земја може да се вложат 1,3 милијарди евра со цел да се надминат тешкотиите, но, потребно е да се остварат резултати“, смета тој.
Премиерот на Црна Гора – Дритан Абазовиќ на заедничка прес-конференција нагласи дека одржувањето на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ и Црна Гора во Подгорица за првпат е надвор од ЕУ, големо признание за земјата и оти тоа укажува дека на Западен Балкан идејата за проширување живее најмногу низ Црна Гора.
„Црногорската Влада гледа само еден главен надворешнополитички приоритет, а тоа е како Црна Гора да стане идна членка на ЕУ. Сите мораме да бидеме посветени на тоа прашање, мораме да ги решаваме работите што бараат поширок консензус во општеството, да се оди кон деблокирање на европскиот пат“ – појасни тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарницата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од ски-лифт на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичницата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичницата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.

