Регион
Борел ја пофали соработката со САД за прашањата на Балканот, ја спомена и Македонија
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денес на пленарната седница на Европскиот парламент изјави дека соработката меѓу ЕУ и САД е многу добра кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Ние работиме многу добро со САД во дијалогот меѓу Косово и Србија. Морам да кажам дека работата е многу ефикасна“, рече Борел одговарајќи на пратенички прашања.
Европскиот пратеник од Хрватска, Тонино Пицула, го праша Борел дали ЕУ размислува да биде посредник во политичката криза низ која Црна Гора минува веќе три години и да одигра слична улога на медијатор како во време на политичката криза во Македонија
„Нашата определба во Црна Гора е да ги поддржиме демократските структури во земјата за да функционираат подобро и Црна Гора да може повеќе да направи на европскиот пат, да биде поангажирана во спроведувањето на реформите“, изјави Борел.
Додаде дека се подразбира оти некои политички проблеми во Црна Гора треба да се решаваат преку институциите во таа земја.
„Ние работиме многу добро со САД во дијалогот меѓу Косово и Србија. Морам да кажам дека работата е многу ефикасна. Работевме и во контекст на Македонија. Зошто не и со Црна Гора? Но, засега работиме координирано и меѓу другото се занимаваме и со дезинформации, но не сме влегле во заедничка медијација. Барем не засега. Би сакал да ја искористам оваа прилика да истакнам колку е важна нашата соработка во обидот да се реши проблемот меѓу Србија и Косово“, одговори Борел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.