Регион
Британски „Телеграф“ за изборите во Србија: Претседателот е обвинет дека довел 40.000 луѓе од Босна да гласаат
Ривалите тврдат дека Србите во главниот град биле донесени од соседна земја, а Александар Вучиќ тврди дека СНС победила, пишува британски „Телеграф“.
Како што пишува британски „Телеграф“, „лидерот на Србија прогласи победа на изборите по обвинувањата дека со автобуси донел 40.000 луѓе во Белград“.
„Ова е апсолутна победа и тоа ме радува“, изјави Вучиќ пред официјалните резултати.
СНС на парламентарните избори освои околу 47 отсто од гласовите, доволно за апсолутно мнозинство во 250-члениот парламент.
„Србија против насилството“, проевропска група партии, според прелиминарните резултати, освои 23 отсто. Ја обвинија СНС за изборен фалсификат, најавија дека ќе се жалат и ќе побараат повторување на изборите, пренесува „Телеграф“.
„Бевме сведоци на сериозни обиди за кражба на изборите“, изјави еден од лидерите на коалицијата, Мирослав Алексиќ.
„Србија против насилството“ тврди дека биле издадени 40.000 документи на луѓе што не живеат во Белград и дека „Србите од БиХ масовно биле пренесувани со автобуси да гласаат во Белград“.
„Телеграф“ пишува и дека проекциите покажуваат дека СНС освоила 38 отсто во главниот град, а СПН – 35 отсто.
Имаше наводи дека на гласачите им се плаќало да гласаат и им се вршеле притисоци, како и извештаи дека бил нападнат набљудувачки тим.
Опозициските партии ја обвинија и владејачката партија за „поткуп на гласачи, задушување на слободата на медиумите, насилство врз противниците, корупција и врски со организираниот криминал“, пишува „Телеграф“.
Претседателот на Србија ги демантира сите тврдења за каква било изборна манипулација, пренесува овој медиум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на „Guitar Art“ денеска собра 1.000 гитаристи на плоштад во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на ’Трг Републике’. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на плоштадот да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.