Регион
Брнабиќ: Ни претстојат тешки денови, но знаевме дека така ќе биде
Ништо не се крие, ништо нема да се решава без нашите граѓани, без нашиот народ, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ, зборувајќи за ситуацијата на Косово и разговорите со меѓународните преговарачи.
Граѓаните утре повторно ќе можат да го слушнат претседателот на Србија за разговорите што ги имал со меѓународните преговарачи, а во вторник заедно со претседателот во Владата ќе се разговара за економскиот раст, изјави Брнабиќ.
„За нас е важно да продолжиме да се бориме за силна Србија во секој аспект. За се ќе комуницираме отворено и транспарентно со нашиот народ, сите тешки одлуки ќе ги носиме со нашиот народ и ќе ја сносиме целата одговорност“, рече Брнабиќ во гостувањето на телевизија Пинк.
„Атмосферата е исклучително сериозна, ни претстојат многу тешки денови, но знаевме дека така ќе биде“, изјави Брнабиќ.
Како што вели, времињата од Втората светска војна не биле потешки, додава дека притисоците се се посилни и посилни.
„Последниве години направивме многу Србија да се крене, да стане лидер и да се натпреварува со земјите членки на ЕУ во многу работи. Не смееме да ја загрозиме таа позиција, но од друга страна не смееме да ги загрозиме нашите национални интереси“, нагласи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Британски амбасадор: На Западен Балкан му треба повеќе економија, а помалку политика
Британскиот амбасадор Едвард Фергусон денеска во Белград изјави дека на Западен Балкан му треба повеќе економија, а помалку политика.
„Берлинскиот процес секогаш беше фокусиран на многу конкретни цели. Кога бев амбасадор во Сараево, поминавме многу време фокусирани на изградба на автопати. Се надеваме дека земјите од Западен Балкан бргу ќе влезат во унифициран платен систем“, рече тој на панелот „Преглед на достигнувањата и перспективите на Берлинскиот процес“.
Фергусон истакна дека во изминатите шест години нема напредок во трите договори за регионалната соработка и добрососедските односи, исчезнатите лица и воените злосторства.
Тој изјави дека в година се одбележуваат 30 години од Дејтонскиот договор, геноцидот во Сребреница и акцијата „Бура“ поради што е важно земјите од регионот да најдат заеднички јазик за да продолжат напред.
Тој посочи и дека Берлинскиот процес ја помага европската интеграција на регионот и дека фокусот е на практичните работи, кои имаат цел да го подобрат животот на граѓаните.
Германската амбасадорка Анке Конрад изјави дека патот кон членството во ЕУ е „многу предизвикувачки процес“.
„Затоа го поддржуваме Берлинскиот процес, што го олеснува патот, и со нетрпение го очекуваме периодот од следните 10 години бидејќи сакаме и во ЕУ тоа да се случи многу побргу“, рече таа.
Таа посочи дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, туку начин земјите кандидати да ги забрзаат своите реформи, да соработуваат и да го забрзаат европскиот пат со соработка на земјите кандидати во разни области и со поддршка на земјите членки на ЕУ.
Конрад рече дека прашањата од минатото се сè уште отворени и нема консензус и дека прашање е колку ќе биде потребно да се зборува за тоа.
Регион
Маж од Лесковац возел со 4,05 промили алкохол во крвта
46-годишен маж од Лесковац е исклучен од сообраќај кога било утврдено дека имал дури 4,05 промили алкохол во телото додека седел зад воланот на „пежо“.
Од полицијата во Лесковац наведуваат дека со тестирање му го утврдиле нивото на алкохол во крвта и затоа го исклучиле 46-годишникот од сообраќај, пренесуваат „Јужне вести“.
Возачот бил приведен и против него ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава.
Регион
Весиќ објави: Оставката е поднесена
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во владата на Република Србија, Горан Весиќ, и официјално поднесе оставка.
Весиќ на својот профил на социјалната мрежа Х објави и фотографија од писмената оставка што ја поднел по падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, а која ја прифатил и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
„Дадов оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во владата на Република Србија.
Поднесов оставка како одговорен човек, кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија што се случи во ресорот со кој раководам.
Ја напуштам оваа позиција со чиста совест и се гордеам на резултатите што остануваат зад мене, како и на тимот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура што работеше со мене. Работев со голема почит и одговорност кон граѓаните, како и со најдобра вера исклучиво во интерес на Србија“, изјави Весиќ на својот профил.