Регион
Брнабиќ – Петков: Србија сака да биде извозник на стабилноста во регионот
Премиерите на Бугарија и Србија, Ана Брнабиќ и Кирил Петков, по денешната средба, истакнаа дека Софија и Белград, меѓу другото, се заинтересирани за заедничкиот пазар на гас и енергија.
Премиерката на Србија на прес-конференцијата рече дека ќе оди понатаму на заеднички енергетски пазар, што ќе донесе поголема конкурентност на економијата на двете земји.
„Тоа би донело придобивки за сите нас и, меѓу другото, би можеле да изградиме повеќе капацитети од обновливите извори на енергија. Гледам дека можеме тоа многу бргу да го направиме“, рече Брнабиќ.
Премиерот на Бугарија изрази уверување дека Балканот, каде што живеат 65 милиони луѓе, со отстранување на границите и заеднички пазар на гас и енергија може да стане најбрзорастечки регион.
„Тоа е дел од нашата визија, потенцијалот постои“, рече Петков.
Според него, постои голем потенцијал за обединет пазар на гас.
„Верувам дека ќе успееме“, рече тој и додаде дека тоа подразбира поврзување со Северна Македонија, Грција, Србија и со Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Подрумите не смеат да се користат за туристички сместувања“ – Грција ги заострува правилата за издавање
Пратениците во Грција денеска почнаа да расправаат за предложениот закон со кој ќе се заострат правилата за краткорочно изнајмување на станови на туристи, вклучително и забрана за користење на пренаменети магацини и подруми без прозорци.
Реновираните магацини, подземните простори и поранешните индустриски капацитети ќе бидат отстранети од платформите за изнајмување според предложените измени, пренесува АП.
„Подрумите повеќе нема да бидат дозволени за употреба: просторите за изнајмување мора да служат како примарни простори за живеење, со природна светлина, вентилација и климатизација“, рече министерката за туризам Олга Кефалојани.
Неколку опозициски пратеници ја обвинија централно-десничарската влада дека ги игнорира социјалните трошоци и оптоварувањето на ресурсите предизвикани од порастот на туризмот и повикаа на посеопфатни ограничувања на кириите.
„Дозволувате концентрација на краткорочни изнајмувања во области популарни кај туристите. Тоа драстично ги менува населбите и ги раселува постојаните жители“, изјави денеска во парламентот левичарската пратеничка Калиопи Вета.
Предлог-законот, кој исто така воведува подетални безбедносни и оперативни стандарди за изнајмување, се очекува да биде изгласан кон крајот на овој месец.
Пред една година Атина воведе забрана за нови регистрации за краткорочно изнајмување во популарните области како Колонаки, Кукаки и Егзархија, а прекршувањата се казнуваат со 20.000 евра.
Изнајмувањето за одмор помогна да се зајакне клучната туристичка индустрија во Грција, која сочинуваше 13 отсто од бруто домашниот производ на земјата во 2023 година, но исто така го зголеми притисокот врз трошоците за домаќинствата поради високите кирии, наведува агенцијата.
Владата во Атина рече дека промените имаат за цел да ги балансираат придобивките од туризмот со достапноста на становите и да понудат даночни олеснувања за сопствениците на имот кои се откажуваат од краткорочните изнајмувања. Грција очекува приходите од туризмот да достигнат рекордни 22 милијарди евра во 2025 година со проектирани 35 милиони туристи, според официјалните проценки.
Регион
На полноќ почнува изборниот молк пред вториот круг од претседателските избори во Хрватска
Денеска е последниот ден од кампањата во Хрватска во пресрет на вториот круг од претседателските избори в недела на 12 јануари, а на полноќ стапува во сила изборниот молк.
Во избирачкиот список се запишани нешто помалку од 3,8 милиони гласачи, а тие ќе одлучуваат меѓу актуелниот претседател Зоран Милановиќ (СДП) и Драган Приморац (ХДЗ со партнерите).
Гласачките места ќе бидат отворени в недела од 7 до 19 часот.
Регион
По Црна Гора, слаб земјотрес ја погоди и Хрватска
Земјотрес со јачина од 2 степена според Рихтеровата скала денеска ја погоди Хрватска.
Епицентарот на земјотресот бил на 33 километри од Риека, на длабочина од 34 километри.
Предходно, Црна Гора ја погоди земјотрес со јачина од 3,6 степени. Засега нема информации за повредени или материјална штета.