Регион
Брнабиќ: Посетата на синот на американскиот претседател е јасна порака за почитување на Србија

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека посетата на синот на американскиот претседател Доналд Трамп Помладиот е силна, моќна и директна политичка порака дека тој ја почитува Србија.
Брнабиќ за телевизијата „К1“ изјави дека Трамп Јуниор покажал сосема поинаков однос кон Србија додавајќи дека таков став има и татко му, американскиот претседател Доналд Трамп.
Наведувајќи дека Србија, поради политичките случувања во земјата, е карактеризирана како нестабилна инвестициска средина од страна на инвеститор од Кина, а коментирајќи ја посетата на Трамп на Белград, Брнабиќ рече дека едно е политиката, а друго инвестициите.
„Едното е политиката, а другото се инвестициите, кои секогаш, а особено оние за висококвалификувани работни места, се крајно конзервативни. Инвеститорот не сака да чека да види што ќе се случи. Политички е сосема јасно, особено на политичките ветерани, дека е невозможно владата да биде соборена на улица“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека е тешко да се урне власта на улица, дури и во најнестабилните земји.
„Не верувам дека некој овде ќе може насилно да ги преземе институциите и затоа беше важна таа порака во Српското народно собрание. Што ќе правите тогаш? Мислам дека на крајот имате легитимитет, некаква изборна волја на граѓаните, некаков суверенитет што го покажуваат граѓаните, но на избори. Тешко е тоа со насилство да го преземете. Но, инвеститорите се претпазливи од каква било нестабилност“, рече таа, јави „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.
Регион
Се уште трае потрагата по хрватските планинари заробени од лавина на словенечките Алпи

Потрагата по двајцата исчезнати хрватски планинари во Јулиските Алпи продолжи утрово кратко по 7 часот, потврди Словенечката планинска служба за спасување за хрватски Индекс.
Вчера наутро, под врвот Тошќ во Јулиските Алпи беше предизвикана снежна лавина, при што беа затрупани тројца хрватски планинари.
За време на тешкото пребарување и спасување, еден планинар беше пронајден без знаци на живот, додека двајцата мажи сè уште се бараат.
Во потрагата денес е вклучен и хеликоптер.
Екипите веќе тргнаа кон локацијата, но точниот број на вклучени спасувачи сè уште не е познат.
Службата додава дека денешното време дозволува распоредување на хеликоптер, но условите во планините се сè уште нестабилни и постои ризик од нови лавини. Идентитетите на загинатиот планинар и двајцата исчезнати сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално хрватските медоуми објавија дека двајцата мажи по кои се трага се браќа.
Шеф на спасувачката служба: Ситуацијата е сложена и опасна
Заменик-шефот на Словенечката планинска спасувачка служба, Клемен Белхар, изјави за ХРТ дека во областа има околу половина метар снег, што не звучи како многу, но создава висок ризик од лавини. Тој додаде дека во планините сè уште има групи алпинисти кои ќе бидат спасени денес и утре.
„Ситуацијата е доста сложена и опасна“, рече Белхар. На прашањето дали има надеж дека преостанатите двајца Хрвати по кои сè уште се трага се сè уште живи, тој одговори: „Секако ќе се однесуваме како да се живи, но колку надеж има, никој не знае“.