Регион
Бугарија бара одговор: Три месеци чекаме РСМ да одлучи дали ќе работиме или само ќе разговараме за Коридорот 8
До денес, Коридорот 8 зависи од желбата и политичката волја на Република Северна Македонија. Испративме договор таму за единственото нешто што ни е заедничко – тоа е тунелот, кој е веднаш до границата.
Овој тунел е на некој начин „преполовен“ од самата граница на два речиси еднакви дела – половина е на територијата на РСМ, другата половина е на бугарска територија.
Ова го изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов за БТВ.
„Веќе склучивме договор со РСМ дека ќе управуваме заеднички. Договорот е склучен одамна. Новиот договор сега е готов и е испратен до РСМ, но се чека нивното одобрување на текстот. Сепак, овој нов договор чека на одобрување веќе три месеци. Затоа денес ги собравме сите дипломати кои се претставници на земјите од ЕУ и НАТО – бидејќи ова е коридор долж НАТО, почнува од Италија и поминува низ Албанија, Северна Македонија и Бугарија, и стигнува до брегот на Црното МореЕ“, објасни Караџов, пишуваат бугарските медиуми.
„Ако дојдат да го потпишат договорот, или ако ние одиме во РСМ да го потпишеме, ќе има Коридор 8. Денес ги замоливме амбасадорите да извршат притисок и да разјаснат дали РСМ ќе го потпише новиот договор, за да биде јасно дали ќе работиме на Коридор број 8, или само ќе разговараме, додаде бугарскиот вицепремиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

