Регион
Бугарија повеќе нема да дава државјанства на странци без посебна правна проверка
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова изјавила дека повеќе нема да потпишува декрети за стекнување на бугарско државјанство, се додека специјална комисија од експерти не ја потврди вистинитоста на доставените документи за бугарско потекло на барателите, пренесува БНТ.
Според истражувањата кои деновиве беа објавени во бугарските медиуми, властите во земјата им дале бугарско државјанство на 114 лица кои се барани од страна на Интерпол. Истрагата на телевизијата БНТ ги следи каналите по кои лицата кои се декларираат како Бугари добиваат документи и на тој начин ја избегнуваат правдата во своите земји.
Уште во 2014-та година проверките на бугарското врховно административно обвинителство утврдиле нарушувања во Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ), од каде биле издавани документи за бугарско државјанство без сертификати, а преку кои се докажува дека тие се Бугари. За време на истрагата биле пронајдени фалсификувани документи, а наодите на ова обвинителството биле потврдени и минатата година, пишуваат бугарските медиуми.
Истрагата покажува дека лица од различни земји во Министерството за правда претставиле сертификати со бугарско потекло, издадени од Државната агенција за Бугарите во странство, која е под контрола од кадарот од партијата ВМРО-БНД.
На овој начин, странските државјани само декларираат дека имаат бугарско самосвест и прикажуваат уверение од некаква невладина организација во странска држава, во која пишува дека барателот имал барем еден роднина Бугарин.
БНТ го наведува примерот со Кадрие Ризова од Битола, која поднела барање дека сака бугарско државјанство, а во интервјуто пред конзулот во Македонија на прашањето каква е нејзината народност, одговорила дека е циганка муслиманка, додека во барањето нејзиното барање доставено до бугарското министерство за правда, Кадрие напишала дека е Бугарка.
Стотици странци добиле државјанство на тој начин, вклучувајќи и криминалци, а според документи на меѓународните безбедносни служби голем број Македонци и Албанци зеле државјанство токму во момент кога биле барани од страна на Интерпол или веќе имале пресуди, се вели во телевизискиот прилог на БНТ.
Според податоците на бугарското министерството за правда, цитирана од worldbg.eu, за последните 15 години вкупно 116.222 странци добиле бугарско државјанство, при што повеќе од половина , околу 60 илјади лица се Македонци, потоа 30 илјади се од Молдавија, шест илјади се Украинци, а 5.400 се Срби. По нив следуваат Русите (5.194 лица и Израелците (3.840 лица). Бројот на Албанци кои добиле бугарско државјанство во последните 15 години изнесува 2.192, додека пак 622 Турци исто така станале бугарски државјани./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

