Регион
Бугарскиот парламент донесе одлука за укинување на данокот на рускиот гас

Бугарскиот парламент донесе одлука за укинување на дополнителниот данок на рускиот гас и ограничувањата за руската нафта.
И покрај прекините поради противењето на опозицијата, дополнителната такса за транспорт на руски гас преку Бугарија беше укината со гласање и беше прифатен амандманот со кој се забрзува укинувањето на ограничувањата за увоз на руска нафта, што првенствено ја фаворизира рафинеријата „Лукоил нефтохим“, известува бугарскиот портал „Новините“.
Дополнителниот данок на рускиот гас беше укинат кога Унгарија објави дека ќе стави вето на влезот на Бугарија во шенген-зоната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин