Регион
Вакцината од „Торлак“ чека одобрување од Москва, испораката ќе почне за еден месец

Во следните 10 дена на српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ треба да пристигнат резултатите од валидацијата на првата пробна серија од 2.000 шишиња „спутник В“, кои се испратени на проверка во рускиот Институт „Гамалеја“.
Ако одговорот е како што се очекуваше на „Торлак“, од крајот на мај или почетокот на јуни може да почнат редовната испорака на супстанцијата на секои две недели и производството на „спутник В“ во Националниот институт во Кумодраж.
Министерот за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, се надева дека резултатите од контролата на пробната серија ќе бидат добри.
„Производството на ‘спутник В’ во Србија би било првенствено наменето за потребите на нашата земја, но исто така мора да им помогнеме на сите во регионот“, вели Поповиќ.
„Во оваа прва фаза на производство супстанциите се добиваат од Русија, а шишињата се полнат и се дистрибуираат од Србија. Во мај, најдоцна на почетокот на јуни, ќе почне изготвувањето физибилити-студија, која ќе биде завршена до крајот на годината, а потоа ќе се знае што е потребно за целосен циклус на производство.
Произвоството на „спутник В“ би била голема шанса за „Торлак“, во кој се надеваат дека целосниот циклус на производство ќе биде можен в година. За тоа ќе биде потребна нова опрема, која, како што веќе најави претседателот Александар Вучиќ, ќе се набави со помош на државата. Проекцијата е дека во опрема, уредување и во инфраструктура ќе бидат инвестирани 38 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Речиси 13.000 работници од Филипините пристигнаа во Хрватска оваа година

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денес ја претстави Неделата на хрватско-филипинско пријателство во Манила со цел зајакнување на работничките права и обезбедување работни места, објави Министерството за надворешни работи.
Тој информира дека од вкупно 136.194 издадени дозволи за престој и работа од почетокот на годината до 30 септември, 12.809 работници, или 9,4 проценти, потекнуваат од Филипини. Ова ги става на четврто место, зад граѓаните на Босна и Херцеговина, Непал и Србија, според податоците од Министерството за внатрешни работи.
„Со оглед на растечкиот број филипински работници во Хрватска, луѓето претставуваат можеби највредниот аспект на сè поблиските односи меѓу двете земји“, изјави хрватскиот министер.
Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Регион
Додик предлага трет ентитет за Хрватите во Босна и Херцеговина

Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, предизвика лавина критики од бошњачката страна со својот предлог за формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
Додик со години се залага за реорганизација на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа е она што го сакаат повеќето Хрвати и нивните политички претставници, но не се осмелуваат отворено да се залагаат за тоа.
Тој го повтори ова во понеделникот по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Бања Лука.
„Веруваме дека трајно решение би било Босна и Херцеговина да биде организирана на таков начин што ќе има три ентитети“, рече Додик во име на неговиот Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), партијата што е столб на владејачката коалиција во РС, а е и дел од владата на државно ниво.
Тој рече дека Федерацијата на БиХ треба да се подели на бошњачки и на хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за да не може никој да се меша во изборните одлуки на членовите на еден од двата конститутивни народа.
фото: принтскрин