Регион
Вархељ: ЕУ го задржа и зајакна моментот на проширување во текот на 2024 година
Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархељ, денеска соопшти дека го претставил Пакетот за проширување за 2024 година. Тој посочи дека ЕУ го задржа моментот на проширување во текот на оваа година и го зајакна со дополнителни алатки. Колеџот на комесари денеска одржа состанок посветен на Пакетот за проширување, кој се состои од соопштенија и извештаи на Комисијата за десет кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.
„Го претставив пакетот за проширување за 2024 година. Во 2019 година имавме седум партнери за проширување, сега имаме 10. Во 2019 имавме пет земји кандидати, сега имаме девет. Го задржавме моментот на проширување во текот на 2024 година и го зајакнавме со дополнителни алатки“, рече Вархељ на социјалната мрежа „Икс“.
Вархељ денеска заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на прес-конференција во Брисел треба да го презентира пакетот за проширување, кој ќе содржи и извештаи за Северна Македонија, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Турција и за Украина.
Пакетот за проширување го оценува спроведувањето на политиката за проширување на ЕУ, ја разгледува позицијата на земјите во спроведувањето на клучните политички и економски реформи и дава јасни препораки за секој од партнерите. Овој пакет ја оценува усогласеноста на партнерите со критериумите за пристапување во ЕУ, таканаречените критериуми од Копенхаген, и ги дефинира реформите што треба да ги преземат партнерите кои се подложени на процесот на проширување за да станат членки на ЕУ, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци
Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.

Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.

Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.

По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.
Регион
Во Грција поплавени патиштата поради бурата, а училиштата во делови од земјата затворени
Бурата „Бајрон“, која ја погоди Грција, предизвика затворање на многу училишта, поплавени патишта и затворање на автопатот Атина-Коринт.
Рано утрово, националниот автопат Атина-Коринт беше затворен во еден дел поради лизгање на земјиштето и насобрана вода, објави Катимерини.
Обилните дождови доведоа и до поплавување на други патишта, додека дрвја паднаа во неколку области.
Во зори, преку бројот 112 беше испратена порака до жителите на Мегара и Мандра да се преселат од подрумот и приземјето на зградата на повисоките катови поради развојот на поплавите.
Како што е наведено, противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумската служба и Механизмот за цивилна заштита на регионот се во состојба на готовност, јавува Танјуг.
Надлежните служби на министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, исто така се ставени во зголемена готовност.
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, денес нема да работат, објавија грчките власти. „Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара. Ние донесуваме одлуки врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалиас.
Тој додаде дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултации со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Фото: ЕПА
Регион
Поради бурата „Бајрон“, училиштата во Атика и Родос утре ќе бидат затворени
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, утре нема да работат, објавија денес грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара.
Одлучуваме врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, пренесува Катимерини.
Тој рече дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултација со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Во областа источен Мани и општина Евротас, издадени се предупредувања поради лизгање на земјиштето и обилни врнежи од дожд, пренесува Танјуг.
Додека на делот од националниот пат Спарта – Гитео, сообраќајот е целосно во прекин, откако патот е поплавен на повеќе места, а сообраќајот е привремено пренасочен преку заобиколни патишта.
Фото: ЕПА

