Регион
(Видео) Вознемирувачка снимка од сообраќајката кај Лазаревац, кога воз удри во автомобил при што загинаа две деца
Две деца загинаа кога воз, на железничкиот премин кај Лазаревац, удри во такси возило кое ги возело нив и нивниот татко. Како што пишуваат српските медиуми ударот одекнал, а мештаните кога го слушнале истрчале од своите куќи. На местото на несреќата пронашле сцена која, велат, никогаш нема да ја заборават.
– Цело време бев надвор, возот поминува секој ден и неколку пати веднаш до нашата куќа. Ова не е прв пат да се случи трагедија, овде видовме се, но ова денес не се заборава, оваа сцена ќе ми остане во сеќавање до крајот на животот, изјави локална жителка која била очевидец на несреќата.
Како што можеше да се види на вознемирувачкото видео, преминот на патот бил обезбеден со семафори и сообраќајни знаци, но таксистот се обидел да ги премине шините, очигледно не гледајќи го возот кој доаѓал од неговата лева страна.
„Одекна како бомба, ударот беше толку силен што сите бевме вџашени. Неколку пати се прекрстив и се молев на Бога да нема жртви. Пред два месеци татко и син доживеаја несреќа на истото место, но возот само ги турна од патот и, за среќа, преживеаја, а сега ова е таква трагедија. Дојдов да видам дали има живи, а тоа што го видов ќе ме прогонува којзнае колку време. Таксистот беше мртов зад воланот, таткото на момчето и девојчето во тој момент беше свесен. Момчето од силата испаднало од возилото, а девојчето исто така лежела позади без знаци на живот. Ги гледаш сите и не знаеш како да помогнеш, ниту пак можеш да им помогнеш. Несреќниот татко викаше: „Зошто ми ги зеде децата, зошто не ме зеде мене?“ Беше морничаво. Со сета сила го гаѓаше возот со камења, а никој не излезе од возот додека не дојде полицијата и брзата помош“, додаде таа, објави српски Телеграф.
Таткото на момчето и девојчето, кои трагично ги загубија животите во сообраќајна несреќа кај Лазаревац кога возот удри во автомобилот во кој се наоѓаа, се огласи по излегувањето од болница. Тој сподели црна насловна фотографија на социјалните мрежи, изразувајќи длабока тага и болка поради загубата на неговите деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

