Регион
(Видео) Деветмина мигранти пронајдени во дрвен сандак во возило во Хрватска

Хрватската полиција утринава пронајде деветмина мигранти во дрвен сандак во возило на автопат.
Странските државјани биле пронајдени при контрола на товарно возило со полски регистарски таблички. Сандакот бил затворен со шрафови, а од него се слушале вознемирени гласови, пренесува „Индекс.хр“.
Во сандакот биле пронајдени тројца мажи, две жени и четворица малолетници. На лицата веднаш им била укажана медицинска помош.
Подоцна било утврдено дека сите нелегално ја преминале државната граница. Седумчлено семејство од Иран изразило намера за поднесување барање за меѓународна заштита, додека двајца државјани на Ирак ја одбиле оваа можност и се сместени во Транзитно-прифатниот центар за странци во Товарник до завршување на постапката за реадмисија односно постапката за нивно враќање во земјата од која потекнуваат.
Возачот на возилото, 21-годишен државјанин на Украина, е уапсен под сомнение за незаконски влез, движење и престој во Република Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ оди во Русија на прославата на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде ќе присуствува на парадата за Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолија.
При гостувањето на ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека „со гордост ќе ја претставува Србија“ на обележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Ќе одам во Москва“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека најверојатно сам ќе отпатува во руската престолнина и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари на светот, и однадвор и од внатре“.
„Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност правилно да соработува со Европската унија и никој да не го обвинува за ништо. Тешко дека армијата ќе оди, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, рече Вучиќ.
Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за новиот гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е загрозена од американските санкции поради рускиот сопственички удел.
„Мораме да го потпишеме договорот за гас до 30 мај. Мора да го решиме прашањето за нафтената компанија. Мора да разговараме и за сите други теми“, рече Вучиќ.
Тој ја најави и посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека ќе има можност да разговара со претставници на Републиканската партија и американското раководство пред да замине за Москва.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.