Регион
(Видео) Жестока расправија меѓу новинарка и Додик: „Вие сте шверцер и воен профитер“
Прес-конференцијата на Милорад Додик, која се одржа синоќа во источно Сараево, беше одбележана со жестока расправија меѓу него и новинарка од телевизијата БН.
Кога Додик го заврши делот од своето обраќање за разговорот со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лаен, тој се сврте кон актуелната афера поврзана со користење индустриски кислород како медицински, која деновиве ја тресе Република Српска.
По тој повод, Додик неколкупати ја нападна телевизијата БН велејќи дека таа ја создала аферата во соработка со политичката опозиција на помалиот ентитет сѐ со цел да ја наруши атмосферата во Република Српска.
Новинарката на БН, Слаѓана Јашаревиќ, остро реагира на изјавите на Додик предупредувајќи го да не им се обраќа на неа и на нејзините колеги на тој начин.
„Во овие 20 минути вие се занимававте само со БН. Ве предупредувам дека ова е последен пат така да ми се обраќате на мене и на моите колеги, а и на тој начин да зборувате за телевизијата БН. Никогаш повеќе да не сте се осмелиле да зборувате така“, рече Јашаревиќ.
По нејзиното излагање, Додик побара на новинарката да ѝ биде исклучен микрофонот, но тој остана вклучен, па јавноста можеше да ги слушне грубите зборови што си ги упатуваа еден кон друг.
Јашаревиќ го нарече Додик воен профитер и шверцер.
„Јас сум член на семејството на борец, а вие шверцувавте цигари во војната. Вие сте обичен шверцер и воен профитер. Вие ги користие овие луѓе, заработувате од нивното здравје, зарем не ви е срам?“, праша новинарката.
На нејзините изјави Додик рече дека во БН не се нормални.
„Гледате дека овие луѓе од БН не се нормални. Ти (новинарката) си толку голем предавник како и твојата телевизија. Вашата телевизија е дел од заедничко злосторничко здружување против РС и, се разбира, наложено ви е да го правите она што го правите. Вие сте најголемите злосторници во РС“, одговори Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

