Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

