Регион
(Видео) „Мажот ја навредувал и изневерувал“ – Обвинителството во Албанија со детали за мајката што скокна во река со своите деца
Обвинителството на Основниот суд од општа надлежност во Скадар во комуникација до медиумите изнесе повеќе детали за трагедијата во семејството Арази во албанскиот град Скадар, каде досега се пронајдени телата на две деца, додека потрагата по телото на мајката и третото дете продолжува.
„До оваа фаза се утврдени сомнежи врз основа на докази дека државјанин Е.А., како последица на континуирано психичко насилство врз неговата сопруга, манифестирано во форма на континуирани навреди и прељуба, тешко нарушувајќи го нејзиното достоинство, го предизвикал самоубиството на А.А., за која се сомнева дека во тешка психичка состојба, се фрлила во реката заедно со трите малолетни деца“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Алма Арази (39) со трите деца скокна во студената река.
Телото на најстарото девојче било пронајдено вчера во реката, додека телото на второто денеска.
Во потрагата учествува и рибарот кој вчера пронашол едно од девојчињата и кој рекол дека потрагата е многу комплицирана.
По страшната трагедија, нејзиниот сопруг е уапсен и обвинет за семејно насилство и предизвикување самоубиство.
Новинарот на „Еуроњуз Албанија“ рече дека за време на сведочењето дадено во полиција, 39-годишниот сопруг Ергис Арази се појавил многу ладен за време на испрашувањето, не покажал никакви емоции и ги отфрлил обвинувањата дека ја малтретирал сопругата или другите деца.
Тој рече дека парот бил во стабилна економска ситуација, претходно живеел во Италија и Германија, а неодамна се преселил во Скадар.
Арази, откако неговото семејство било пријавено за исчезнато, два дена подоцна бил виден во кафуле со пријателите и наводно воопшто не бил вознемирен, наведува „Voxnews.al“, повикувајќи се на изјавите на неговите пријатели.
Како што рекоа, тој бил сосема мирен.
Семејството на Ергис тврди дека тој никогаш не би им наштетил. Тие тврдат дека парот имал проблеми меѓу себе, но дека Ергис Арази не бил насилник.
„Ги обожаваше децата. Тој никогаш не би им наштетил. Работеше цел ден во сервис за мобилни телефони за да ги испрати во приватно училиште. Можеби имал проблеми со сопругата, но таа никогаш не требало да им го прави тоа на децата. Тоа нема да и го простиме“, рекле тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Притвор за малолетникот осомничен за убиството на братот на вицепремиерот на Босна и Херцеговина во Белград: ќе одговара за тешко убиство
Судијата за малолетници на Вишиот суд во Белград му одреди притвор до 30 дена на малолетникот Ф. Б. (16), кој е осомничен за тешкото убиство на Ѓорѓе Мијатовиќ (40), брат на Војин Мијатовиќ, министер во владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина.
Неговиот притвор е одреден за да не влијае на сведоците и да не го повтори кривичното дело за краток временски период, објавија српските медиуми.
Денеска, се предаде и уште еден малолетник осомничен за убиството.
Двајцата се осомничени за кривично дело тешко убиство.
Српското МВР вчера соопшти дека припадниците на полицијата во Белград интензивно работат на пронаоѓање две лица, кои се осомничени дека претепале четириесетгодишен маж, кој починал на Ургентниот центар.
Како што е наведено, полицијата во неделата во 18.20 часот добила пријава дека две лица претепале четириесетгодишен маж во парк во Вождовац.
Регион
Уапсен 16-годишник – осомничен дека го претепал до смрт братот на министерот во БиХ, се трага по уште еден тинејџер
Идентификувани се двајца малолетници, кои се осомничени дека го претепале Ѓорѓе Мијатовиќ – братот на министерот на БиХ, Војин Мијатовиќ, во паркот на Вождовац, а еден од осомничените (16) е уапсен, пишува „Кликс“.
Малолетниот се товари за тешко убиство и ќе биде изведен на распит во Вишото јавно обвинителство во Белград, јавуваат белградските медиуми.
Како што беше потврдено, малолетниците се сомничат дека со неколку удари во главата го удриле Мијатовиќ, кој почина неколку часа подоцна.
Обдукцијата покажала дека Мијатовиќ претрпел шест удари и дека черепот му бил скршен. По тоа, добил епилептичен напад и срцев удар.
Интензивно се трага по второпријавениот, известуваат од полицијата.
Регион
Во случајот со Данка Илиќ сослушани директорот на „Водовод“ и пријател на осомничениот, им биле поставувани прашања што кријат клучни одговори
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар вчера беа сослушани уште двајца сведоци во случајот со убиството на Данка Илиќ (2) од Бор, чија смрт им се припишува на работниците на ЈКП „Водовод“ од Бор, Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50), а полицијата се надева на пробив во истрагата.
Како што пренесува „Курир“, вчера, во Обвинителството сведочеше Горан Павиќ, поранешниот директор на ЈКП „Водовод“ од Бор, кој поднесе оставка од морални причини по апсењето на неговите вработени Драгијевиќ и Јанковиќ. Освен него, сослушан е и пријателот на осомничениот Срѓан Јанковиќ, од кого често позајмувал автомобил.
„Овие двајца сведоци зборуваа за тоа како се однесувале осомничените од 26 март кога исчезна Данка до 4 април кога беа уапсени. Им беа поставувани прашања за нивното движење, како и за употребата на возилата“, изјавил изворот за медиумот.
Како што додава, поранешниот директор на „Водовод“ од Бор сведочел дали и колку пати Јанковиќ и Драгијевиќ го користеле службениот автомобил по 26 март.
„Даде изјава поврзана со патните налози од 26 март кога исчезна Данка и сите информации за тоа кога уапсените дента отишле на интервенција во Бањско Поле, па кога се вратиле, кој од колегите ги видел, што разговарале со нив и дали знае нешто за тоа. Тој беше прашан и за сè што е поврзано со нивното движење во наредните денови до нивното апсење на 4 април, односно дали користеле службено возило во тој период, дали евентуално го зеле возилото без да пријават“, наведува изворот.
Друг сведок, кој исто така беше сослушан, пријател на осомничениот Срѓан Јанковиќ, одговараше на прашања во врска со неговиот автомобил, кој му го позајмил на Јанковиќ.
„Го прашаа пријателот на Јанковиќ дали му позајмил автомобил во периодот од 26 март до 4 април, дали на крајот ќе се дознае дали Јанковиќ можеби со тој автомобил го преместил телото на девојчето“, вели изворот и додава дека Обвинителството ќе ги спореди изјавите на сведоците со изјави на осомничените и изјави на други сведоци.
„Доколку има одредени совпаѓања во изјавите, може да се каже дека ќе има напредок во истрагата, односно исчекор кога станува збор за откривањето на локацијата на која е преместено телото на Данка Илиќ“, објаснува соговорникот.
Според изворот, сослушувањето на сведокот е закажано за 28 мај, а досега се сослушани вкупно 19 сведоци.
Како што напиша „Блиц“, до Вишото јавно обвинителство во Заечар ги добиле резултатите од ДНК-вештачењето, кое покажало дека не се пронајдени биолошки траги од Данка Илиќ во автомобилот за кој се претпоставува дека го користеле осомничените кога удриле во неа.
Како што истакна Миодраг Цановиќ, обвинител на Вишото јавно обвинителство, добиените резултати претставуваат само дел од вештачењето бидејќи се испитуваат голем број предмети.
„Ова е резултат на вештачење делови од предмети од службениот автомобил. Пристигнаа само првите неколку вештачења од Националниот центар за криминалистичка форензика, а вештачењето го очекуваме и од биолошкиот факултет“, изјави претходно Цановиќ.
Дејан Драгијевиќ детаѝно го опиша убиството, објави дека телото е фрлено на депонија, а потрагата по Данка била концентрирана во селото Злот. Пребарувани се депонии, дворот на семејната куќа Драгијевиќ, шахти и сите места што би можеле да донесат некаков напредок во потрагата, но засега безуспешно. Потрагата згасна, а телото на Данка сè уште не е пронајдено.
Полицијата запленила десетици предмети од куќата на Дејан Драгијевиќ во селото Злот кај Бор, кои би можеле да бидат клучен доказ во истрагата. Исто така, на осомничените им се одземени и двата приватни автомобила, кои се испратени на вештачење.
Покрај Драгијевиќ и Јанковиќ, во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој е осомничен дека му помагал на синот да го премести телото на девојчето.