Регион
(Видео) Милатовиќ по разговорот со Вучиќ повтори: „Немаме исти ставови за Косово“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оствари низа средби со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. По средбите, претседателите се обратија пред медиумите.
Вучиќ на самиот почеток рече дека е многу задоволен што има можност да му биде домаќин на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
„Ние го делиме мислењето дека зајакнувањето на билатералните врски е од огромна заемна корист. За нас, Црна Гора е исклучително важен партнер поради традиционалната блискост и поврзаност на нашите граѓани“, рече Вучиќ.
„Разговаравме за повеќе прашања“, рече Вучиќ и додаде дека му ветил на Милатовиќ дека Црна Гора ќе добие важна позиција на белградската ЕКСПО.
Вучиќ зборуваше и за изградба на патишта и подобра поврзаност меѓу двете земји.
„Разговаравме за изградба на патишта, кои ќе ни овозможат да стигнеме до Црна Гора за четири часа, можеби и помалку. Денеска ги анализиравме техничките несогласувања за што побргу да ги решиме. Тие сакаат да изградат терминал за течен гас во Бар, а Србија е заинтересирана да учествува и купува гас“, рече Вучиќ и додаде:
„Знам дека има луѓе во Црна што сакаат да го подигнат стравот од Србија. Се согласуваме за некои прашања, за други не, но имаме цивилизиран однос“.
Како што рече, сака да верува дека е можно да се разговара и постепено да се дојде до подобри односи.
По претседателот на Србија, говореше и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
„Многу е важно од најголемите државни обраќања да се фокусираме на теми што нè зближуваат. Има и такви каде што немаме исти ставови, секако дека и прашањето за Косово е едно од тие. Знаете дека Црна Гора го призна Косово во 2008 година, но мораме да бидеме луѓе и доволно политички писмени за да ја разбереме позицијата на Србија. Она што ми е важно е тензиите на северот на Косово да се стават под контрола и да дојде до деескалација. Сето тоа влијае на сите. Навистина искрено го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина“, рече Милатовиќ и додаде:
„Не ме радуваат тензиите. Вучиќ направи многу да деескалира ситуацијата, но за танго се потребни двајца“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

