Регион
(Видео) Убиен Фатон Хајризи: српската полиција го ликвидираше убиецот на полицаецот
Потпретседателот на српската влада и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, објави дека е ликвидиран Фатон Хајризи, Албанец кој уби полицаец во Србија. Припадници на полицијата го ликвидирале убиецот на полицаец во околината на Лозница“, изјави Дачиќ кој излезе на местото на настанот.
Според првите информации кои ги пренесоа српските медиуми, Хајризи се обидел да ја помине Дрина и да побегне во Босна и Херцеговина, но не успеал, па се сокрил во делот на напуштен фабрички комплекс каде мигрантите од Прешево во последните години се кријат, чекајќи „врска“ за да избегаат преку Дрина.
Тој е ликвидиран од Специјалната антитерористичка единица на српската полиција. Тој е убиен во Лозница, откако, како што тврдат српските медиуми, дал отпор на полицијата.
Малку порано, кога Министерството за внатрешни работи на Србија објави фотографија од осомничениот, еден од мештаните од областа Лозница пријавил дека видел лице со таков опис. Припадниците на МВР на Србија пристигнаа во голем број, го блокираа целиот простор, а потоа го ликвидираа Хајризи.
Ноќта од среда кон четврток во Лозница е убиен 34-годишниот полицаец Никола Крсмановиќ, а ранет е неговиот 50-годишен колега Вјекослав Илиќ. Нападот се случил при рутинска проверка на таксито во кое се наоѓал Фатон.
Околу еден час по полноќ, Крсмановиќ и Илиќ на контролниот пункт запреле такси, што им изгледало сомнително. Во возилото имало двајца мажи, возачот и сопатникот.
Полицајците сакале да ги идентификуваат мажите, па полицаецот го замолил Фатон да ја покаже својата чанта. Тој одбил, а потоа пукал во полицајците.
На лице место полицијата го пронашла пасошот на осомничениот, издаден од косовските власти на име Артан Хајризи и германска лична карта.
Но, набрзо било утврдено дека полицајците всушност биле застрелани од братот на Артан, Фатон, кој неодамна избегал од затвор. За време на обидот за бегство, Фатон го користел пасошот на неговиот брат издаден од косовските власти.
Хајризи беше во бегство од 6 јули, кога од слободниот викенд не се врати во затворот Смрековница. Тоа беше негово деветто бегство од затвор, со што стана рекордер во Косово. На социјалните мрежи тој објасни дека мотивот за неговото бегство било злоставувањето кое го претрпел во затвор.
„Го напуштив Косово затоа што бев прогонуван. Бев психички малтретиран, не можев повеќе. Нема да се вратам во затвор во оваа држава. Таму страдаат затворениците, не се дава кауција, не се третираат сите исто“, истакна Хајризи.
Фатон Хајризи на јавноста и е познат од 2000 година кога на само 15 години уби руски војник, припадник на КФОР. За тоа убиство е осуден на 27 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

