Регион
„Видов дете на подот од училницата, се плашев од најлошото“: родителите раскажуваат за моментите на ужас во Загреб
Цела Хрватска е во шок поради трагедијата во Загреб. 19-годишен напаѓач со нож утрово влегол во основно училиште, ги нападнал учениците и наставничката. Едно дете загина, неколку се повредени. Наставничката е оперирана и е стабилна, според написите.
Напаѓачот е повреден и е под полициски надзор, едно дете е пренесено во болница со хеликоптер, а очевидците на овој невиден чин се во неверување, пренесуват медиумите.
Репортерката на „Дневник“, во разговар со две мајки на деца кои одат во тоа училиште, пренесува дел од моментот.
„Родителите се уште се во шок и потресени, нема вистински зборови со кои може да се опише тагата и болката на починатото дете. Тие спонтано почнаа да се собираат на училишното игралиште, палат свеќи, носат играчки и пораки за починатото седумгодишно дете“, вели таа.
Револтираните родители кои беа сведоци на ужасните сцени од утрово истите ги раскажаа во изјава за медиумот.
„Ми се јави другарка, инаку, син ми оди во истиот клас каде што се случи трагедијата. На повик на другарка, чија ќерка оди во истиот клас, јас буквално дојдов овде во пижами. Добив информација дека некој со нож бил во училиштето, најдов 10-15 родители, никој ништо не знаеше, но во рок од пет минути сите родители беа околу училиштето, ги повикуваа своите деца и бараа да ги пуштат надвор“, рече Маја Јелиќ.
„Ја барав ќерката на другарка ми, па се шетав покрај училиштето и училниците, видов дете како лежи на подот од училницата во локва крв, онесвестено и… се плашев од најлошото, што на крајот се случи“, рече таа и напомена дека ќе се плаши да ги прати децата на училиште.
„Апсолутен страв владее и ќе владее уште некое време. Мислам дека сега се плашат и учениците и родителите и наставниците од сите други училишта. Каде сме ние овде што сме сведоци на се“, заклучи една од мајките.
„По тој настан ни се јави наставничката да провери како се децата и како сме ние. Добивме инструкции од класниот претставник во советот на родители за психолошка помош во кризни ситуации“, раскажува друга мајка Мартина Павичиќ Одобашиќ.
„Ме повика наставничката на мојот син кој ги немаше првите три часа. Инаку имам две деца кои одат во ова училиште, второто дете беше на училиште за време на овој настан. За време на евакуацијата наставничката ми се јави и ми рече: „Те молам, остави го синот дома, напаѓачот е во училиште, заклучете се. Не ми се верува дека била толку прибрана и дека знаела дека моето дете не е на училиште и дека треба да остане дома“, вели мајката во изјава за медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

