Регион
Вишеградската група со поддршка за „Отворен Балкан“, соработката ќе придонесе за регионална стабилност

Земјите од вишеградската група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска) го поздравија формирањето на иницијативата „Отворен Балкан“ (поранешен минишенген) од страна на Северна Македонија, Србија и Албанија.
„Веруваме дека таквата тесна соработка меѓу земјите од Западен Балкан придонесува за стабилноста и развојот на регионот“, се наведува во изјавата на претставниците на вишеградската група.
Како што е посочено, земјите од вишеградската група продолжуваат да го поддржуваат забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ.
Изјавата ја потпишаа министрите за надворешни работи на вишеградската група, Петер Сијарто, од Унгарија, Јакуб Кулханек од Чешка, Иван Корчок од Словачка и Збигњев Рау од Полска.
На вчерашниот самит во Скопје, премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, ја преименуваа регионалната иницијатива „Минишенген“ во „Отворен Балкан“ и потпишаа три договори што ќе ја олеснат трговијата во регионот и овозможуваат единствен пазар на труд, но и заемна помош во итни ситуации, потсетуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пленковиќ: Хрватска не тргува со оружје и воена опрема со Израел

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денеска негираше дека Хрватска тргува со оружје со Израел, одговарајќи на барањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ до владата да престане да тргува со оружје и воена опрема со таа земја.
Кога беше замолен да ја коментира изјавата на Милановиќ, Пленковиќ рече дека „нема трговија со оружје и воена опрема со Израел“, пренесува ХИНА.
Хрватското Министерство за одбрана во саботата објави дека официјален Загреб во моментов не набавува оружје за хрватската армија од Израел.
Регион
Додик шест години не смее да врши јавна функција: бара помош од Трамп, Орбан и руската амбасада се на негова страна

Судот на Босна и Херцеговина соопшти дека претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик нема да може да извршува никаква јавна функција шест години, не само претседателската, според пресудата.
Лидерот на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради неспроведување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, пресуда што Додик ја отфрла.
Судот на БиХ првично објави дека Додик нема да може да биде претседател на РС шест години, а потоа испрати ново соопштение во кое објаснува дека оваа одлука, со оглед на промените во законот што ги наметна Шмит, вклучува и забрана за вршење на сите други функции што вклучуваат јавни пари.
Буквалното толкување на ова вклучува и забрана за извршување на функцијата претседател на владејачката СНСД ако партијата на Додик се финансира од буџетот.
Додик во меѓувреме побара меѓународна поддршка и го тагираше американскиот претседател Доналд Трамп на профилот на X, цитирајќи ги неговите зборови од 2024 година во кои повика на прекин на прогонот против него во САД. Тој го спореди својот случај со она што го доживеа Трамп, нагласувајќи дека тој, исто како Трамп, е жртва на политички прогон.
Руската амбасада во БиХ ја оцени пресудата како политичка и го нарече високиот меѓународен претставник „узурпер“.
„Затоа сите пресуди засновани на наводи за наводно кршење на одлуката на високиот претставник не се законски, туку чисто политизирани. Целата одговорност за евентуалната дестабилизација на внатрешнополитичката ситуација во земјата е на промоторите на оваа политичка акција“, соопшти амбасадата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, го поддржа Додик, велејќи дека треба да се почитува одлуката на народот на РС кој го избра Додик за свој претседател.
It’s time for everyone to respect the decision of the PEOPLE of Republika Srpska, who elected @MiloradDodik as their President.
There is no place for legal witch-hunts in a democracy.
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) August 1, 2025
„Нема место за легален лов на вештерки во демократијата“, напиша Орбан на X.
Фото: ЕПА
Регион
Словенија воведе ембарго на оружје кон Израел

Словенечката влада на вчерашната седница, по предлог на премиерот Роберт Голоб, донесе одлука со која се забранува извоз и транзит на воено оружје и опрема од или преку Словенија за Израел. Исто така, се забранува и увоз на оружје од Израел.
Со оваа одлука Словенија стана првата европска држава што воведува целосна забрана за увоз, извоз и за транзит на оружје поврзано со Израел, истакнаа од кабинетот на премиерот, пренесе „Н1 Словенија“.
Откога Словенија пред две недели ги прогласи израелските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир за непожелни личности, владата донесе нови санкции против Израел поради насилството и кршењето на човековите права на Палестинците во Појасот Газа и на Западниот Брег.
Новата одлука следува по најавите на премиерот Голоб, кој повеќепати порача дека Словенија ќе дејствува самостојно доколку ЕУ не усвои конкретни мерки до средината на јули.
„Европската Унија, поради внатрешни несогласувања и неединство, моментно не е способна да ја исполни оваа задача“, соопшти словенечката влада.
„Луѓето во Газа умираат бидејќи системски им се оневозможува пристап до хуманитарна помош. Умираат под урнатини, без пристап до пивка вода, храна и основна здравствена нега. Станува збор за целосно блокирање на хуманитарниот пристап и свесно спречување на основните услови за преживување. Во вакви околности должност е на секоја одговорна држава да дејствува, дури и ако тоа значи да чекори пред другите“.
Словенија, како што се наведува, доследно и принципиелно се залага за почитување на меѓународното право и заштита на човековите права. Владата најави дека во следните недели ќе подготви дополнителни национални мерки против актуелната израелска влада, чиј начин на дејствување претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.
Министерството за надворешни работи на Словенија во четвртокот ја повикало израелската амбасадорка во Љубљана, Рут Коен-Дар, на разговор и ѝ доставило протест поради неодржливата хуманитарна катастрофа во Газа, предизвикана од ограничувањето на пристапот до итна хуманитарна помош.