Регион
На инфективната болница во Загреб вонредна состојба поради грип

На Клиниката за инфективни болести „Фран Михалевиќ“ во Загреб владее вонредна состојба поради епидемија на грип каква не е забележана повеќе децении.
Вчера, во текот на попладневните часови и во текот на ноќта, беа примени четири лица со тешка пневмонија и сите се на респиратори – ангажирани се 18 респиратори и пет ЕКМО-машини. Обемот на работа е трипати поголем од условите што постојат во болницата. Ваквата ситуација трае неколку дена и умираат релативно млади луѓе. Во амбулантите има стотици луѓе, а сезоната на грипот штотуку почна.
Шефот на Институтот за интензивна медицина, вонредниот професор Марко Кутлеша, потврди дека ситуацијата е под опсада.
„Пациенти доаѓаат од цела Хрватска. Сите се на механичка вентилација, во моментот 18 пациенти“, рече тој.
„Од 30 декември до денес 26 пациенти со тешко воспаление на белите дробови се примени на клиниката, освен еден кој имаше бактериски менингитис. Тоа беа исто така компликации предизвикани од грип. Сите се на механичка вентилација, односно на респиратори“, објасни Кутлеша.
10-ина пациенти биле на надворешна оксигенација кога респираторот не бил доволен, а имало и смртни случаи.
„Една пациентка, која имаше белодробно воспаление, почина. Сите пациенти, вклучувајќи ја и неа, се на возраст меѓу 40 и 60 години. Особено му се заблагодаруваме на Министерството, кое ни обезбеди осум дополнителни респиратори и два ECMO-уреди“, вели шефот на интензивната нега.
Тој вели дека се преоптоварени поради што направиле и дополнителни смени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Силно невреме во Србија: ветерот корнеше дрвја, дел од зградите останаа без покриви

Силна бура го погоди Белград и некои делови од Србија во раните попладневни часови. Пет лица се повредени, а предизвикана е голема материјална штета, пренесуваат тамошните медиуми.
Бурни налети на ветер соборија кран на градилиштето во Нов Белград, превртеа приколка за влечно возило, а осамна и видео од Ледино кај Сурчин, каде што бројни станбени згради останаа без покриви. Луѓето во областа според написите, избегаа без никакви последици, а најмалку две згради останаа без покриви.
Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, објавува Спутник.
МУП издаде и тревога за ризик од силна бура со дожд, грмежи, голем град и силни налети на ветер.
Регион
Поради екстремните горештини затворен познатиот Акропол во Грција

Поради екстремната топлина што ја зафати Грција, познатиот Акропол во Атина ќе биде затворен за посетители до 17 часот.
Во земјата се очекуваат температури до 42 степени, а издадени се и бројни предупредувања поради зголемениот ризик од пожар, јавува Би-Би-Си.
Грчките власти одлучија повторно да го затворат Акрополот, еден од најпосетуваните археолошки локалитети во Европа, додека метеоролозите најавуваат нови високи температури и многу висок ризик од пожар.
Министерството за култура објави дека Акрополот ќе биде затворен во најжешкиот дел од денот, помеѓу 13 и 17 часот.
„Мерката е усвоена за безбедноста на вработените и посетителите“, соопшти Министерството за култура. Повеќе од 4,5 милиони луѓе го посетуваат Акрополот годишно.
Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.