Регион
В недела избори во Бугарија, според анкетите – партијата на Борисов e во водство
Владејачката централнодесничарска партија ГЕРБ во Бугарија го зголеми водството пред опозициските социјалисти пред парламентарните избори, покажуваат две анкети.
Бугарија ќе одржи парламентарни избори на 4 април, на кои, според истражувањето на „Тренд рисрч“, владејачката партија од десниот центар ГЕРБ се чини дека има голема предност иако, според анкетите, по изборите, нема да има јасна мнозинска коалиција во разделениот парламент.
Бидејќи бројот на заболени од коронавирус во Бугарија се зголемува, тешко е да се предвиди колку луѓе ќе излезат на изборите, па резултатот би можел да се разликува од анкетите на „Тренд рисрч“ и „Алфа рисрч“.
Анкетите покажуваат дека помеѓу 28,1 и 28,6 проценти од Бугарите што планираат да гласаат в недела ќе ја поддржат партијата ГЕРБ, предводена од трикратниот премиер Бојко Борисов, а од 19,8 до 21,8 % би го поддржале неговиот клучен ривал, бугарската Социјалистичка партија.
Седум партии се очекува да освојат места во парламентот со 240 члена, покажаа двете анкети спроведени помеѓу 26 и 30 март, што значи дека ниту една од најголемите партии не очекува јасна мнозинска коалиција.
Со оглед на загриженоста за пандемијата на коронавирусот, „Алфа рисрч“ проценува дека на гласање ќе излезат од 2,5 до 2,9 милиони луѓе, помалку од 3,5 милиони што гласаа на последните избори во 2017 година.
Министерот за здравство, Костадин Ангелов, во четвртокот рече дека земјата е во екот на третиот бран на пандемијата, со над 4.200 дневни инфекции и над 10.000 луѓе во болниците. Властите ублажуваат некои ограничувачки мерки повикувајќи се на зголемениот број вакцинирани и но оние што закрепнале од вирусот.
Според аналитичарите, помал одѕив на изборите ќе им помогне на традиционалните партии со силна гласачка база, а на помалите партии ќе им биде потешко да го надминат прагот да влезат во парламентот. Поголем одѕив ќе им помогне на опозиционерите да освојат повеќе места.
Партијата ГЕРБ, која вети дека ќе ја зголеми просечната месечна плата 36 проценти, на 1.000 евра, ќе гради повеќе автопати и ќе ја внесе земјата во еврозоната во 2024 година, полека ја врати поддршката по антикорупциските протести минатото лето.
На социјалистите, кои сакаат поголема улога на државата во економијата и повисоки даноци за оние што заработуваат повеќе, им е намалена поддршката за 1,8 до 3,7 проценти бидејќи нивните гласачи се претежно постаро население во страв од пандемијата, велат истражувачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.
Регион
Српскиот патријарх: Го губиме националниот идентитет, тоа е загрижувачко
Да ги надминеме поделбите и да си подадеме рака еден на друг, порача поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, во својата божиќна порака, оценувајќи дека „за внатрешните политички тензии и поделби во Србија сведочи целиот српски народ, каде и да се наоѓа“.
„Внатрешните политички тензии доведоа до длабока поделба во општеството и недоверба меѓу луѓето, а разликите во мислењата сè повеќе се развиваат во ирационална омраза“, истакна српскиот патријарх и повика на надминување на поделбите.
„Да си подадеме рака еден на друг, бидејќи сме неопходни еден на друг“, нагласи Порфириј, оценувајќи дека ситуацијата во Србија е сложена и тешка.
Поглаварот на СПЦ го гледа како „особено загрижувачки“ „губењето на националниот и културниот идентитет, што го доведува во прашање континуитетот на историското и духовното саморазбирање на нашиот народ, а во исто време не може да се објасни само со надворешни влијанија“.
„Заедно со тоа доаѓа економската несигурност и демографскиот пад: Србија се соочува со многу негативен природен прираст и, следствено, со еден од најбрзите депопулации во светот, како и со сè поизразено стареење на населението“, рече патријархот.
Нагласувајќи дека Божиќ е празник на мирот, Порфириј рече дека денес „човештвото има потреба повеќе од кога било да се врати кон тој извор на мир кој не е наметнат со сила, туку се открива во понизност и љубов“ во „однос што гради доверба, заедништво и почит кон секое човечко суштество“.

