Регион
Во Хрватска обвинение против криминална група која во земјата внела 16 тони марихуана
Хрватскиот оддел за борба со корупција и организиран криминал (УСКОК) покрена обвинение против 20 осомничени предводени од Томислав Сабљо, Томислав Сучиќ и Ѓорѓе Вулетиќ, уапсени минатото лето во операцијата позната како „Тебра“, за шверц на речиси 16 тони марихуана, но и за палење автомобили и рекет.
Наведувајќи ги само иницијалите на осомничените, УСКОК објави дека злосторничкото здружение, покрај шверц и трговија со дрога, е обвинето и за загрозување и предизвикување тешки повреди и незаконска наплата.
УСКОК се сомнева дека Сабљо и Сучиќ во периодот од 2016 до 2019 во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија собрале група за набавка и шверц на марихуана.
Марихуаната прво била складирана на територијата на БиХ, а потоа со помош на погранична полициска службеничка била внесувана во Хрватска. Полицајката, наводно, учествувала и во испораката на дрогата до дел од купувачите.
Дрогата потоа во помали количини се продавала на препродавачи, а на тој начин, според хрватските власти, најмалку 15,7 тони марихуана биле шверцувани во Хрватска.
Сабљо и Сучиќ се обвинети и за поврзување на шестмина обвинети со Вулетиќ, кои запалиле најмалку четири автомобили и подготвиле напад врз најмалку едно лице, прикриле најмалку еден украден автомобил и рекетирале неколку лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.
Регион
Загрепскиот Вјесник ќе се руши поради нестабилна конструкција по пожарот
Потпретседателот на Владата и министер за простор, градителство и државeн имот, Бранко Башиќ со претставници на Град Загреб и стручњаци од Хрватскиот центар за сеизмичко инженерство соопшти дека култниот загрепски небодер Вјесник ќе се руши поради небезбедна конструкција.
Башиќ изјави дека извештајот на стручњаците укажува на сериозни статички оштетувања и опасност од урнување поради што ќе се изработи проект за уривање, а потоа ќе следи јавна набавка и самиот процес на рушење. Славонска авенија и подвозникот остануваат затворени до отстранување на објектот.
Стручњакот Марио Урош од Центарот за сеизмичко инженерство предупреди дека конструкцијата е делумно нестабилна поради оштетувањата од пожар, пукнатини и отпаѓање на елементи. Според него, потребно е итно уривање бидејќи опасноста со текот на времето расте.
Владата најави дека ќе се утврдат роковите за рушење и дека потоа ќе се уредува просторот на поранешниот Вјесник, со можен архитектонски конкурс. Стручните служби и полицијата ќе извршат увид, но екипите нема да престојуваат подолго во објектот поради ризикот.
Регион
(Видео) Синиша Каран нов претседател на Република Српска, Додик запеа на прославата
Синиша Каран од Сојузот на независни социјалдемократи (СНДС) е избран за нов претседател на Република Српска. Опозицијата објави дека ќе поднесе приговори поради нерегуларности и ќе побара повторување на изборите во Зворник, Добој и Лакташи, објави „Дневни аваз“.
Овие избори се карактеризираа со ниска излезност од 35,72 проценти, што е дури 18 проценти пониско од изборите во 2022 година.
„По којзнае кој пат, кога беше најтешко, победи српскиот народ“, рече Каран, откако партијата прогласи негова победа.
„Благодарност до сите што го препознаа овој момент и благодарност до претседателот Додик, и до сите што не се членови на нашата партија, но го препознаа овој момент. Српскиот народ даде решителен одговор на странскиот окупатор“, рече тој.
„Убеден сум дека администрацијата на Трамп ќе остане доследна и нема да се занимава со други земји, како што е Босна и Херцеговина. Тие сакаа да се ослободат од Додик, а сега добија двајца Додикови“, рече Каран.
Прославата во СНСД траеше до доцна во ноќта, а Додик го зграпчи микрофонот и запеа.
Милорад Додик никад веселији, издајник Вукановић никад тужнији! pic.twitter.com/XhlxnswOxx
— Саша Шарчевић (@saarcevic2901) November 23, 2025
Според прелиминарните податоци, Каран победи со три проценти повеќе гласови од неговиот главен противник, Бранко Блануша од Српската демократска партија (СДС).

