Регион
Во Хрватска почнува вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“
Во Хрватска почнува вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“, која ќе ја примаат и лица над 65 години.
Имунизацијата почнува со 25.200 дози вакцини, од кои повеќето се на „Астразенека“, 16.800 дози, а остатокот е вакцината на „Модерна“.
Најпрво ќе се вакцинираат лицата над 65-годишна возраст, хронично болните, а по нив и сите други кои сакаат, веројатно на пролет.
Најголемите здруженија на пензионери побараа луѓето над 65 години да не се вакцинираат со вакцината „Астразенека“, а истото го побара и партијата на пензионерите.
Тие предлагаат да се купи уште една вакцина што е на пазарот сè додека не се испитаат ефектите на вакцината на „Астразенека“ врз луѓе постари од 55 години, чиј број е недоволно застапен во клиничките испитувања на вакцината за да се потврди нејзината безбедност.
Голем број европски земји објавија дека постарите лица нема да бидат вакцинирани со вакцината на британскиот производител на лекови „Астразенека“, која е изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд. Меѓу овие земји се Франција, Германија, Италија, Шведска, Полска, Шпанија и Словенија.
Хрватска за разлика од многу земји има намера да ги вакцинира старите лица со неа.
Зборувајќи за оние кои решиле да не се вакцинираат со вакцината на „Астразенека“, епидемиологот Ива Пем Новосел рече дека тие можат да чекаат, но дека мора да бидат предупредени дека веројатно ќе чекаат долго за друга вакцина со оглед на тоа што „Модерна“ и „Фајзер“ ги намалиле количините.
„Во следните недели, кој и да сака да се вакцинира, препорачуваме да се вакцинира со оваа вакцина, а оние што одлучиле поинаку, треба да почекаат“, рече таа.
Покрај прашањата за ефикасноста на вакцината на „Астразенека“ кога станува збор за вакцинирање стари лица, компанијата вчера објави дека нивната вакцина значително ја намалила ефикасноста против јужноафриканскиот вид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

