Регион
Вучиќ: Бараме начин да им помогнеме на Северна Македонија и Црна Гора со вакцините
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија бара начини дополнително да им помогне на Северна Македонија и Црна Гора со вакцинирање на населението.
„За мене е важно луѓето да бидат задоволни и делумно заштитени“, изјави Вучиќ откога викендов голем број граѓани од регионот, меѓу кои и од Македонија, допатуваа во Белград, Ниш и во Врање за да добијат вакцина поради недостиг од вакцини во матичните земји.
„Сега ја примија првата доза, а кога ќе ја добијат и втората, тие ќе бидат заштитени од тешка форма на вирусот и евентуална смрт или барем во 99 проценти од случаите. Тоа е она што можеме да го направиме“, изјави Вучиќ одговарајќи на прашањето дали се гордее што медиумите во регионот пишуваат дека вакцинирањето на луѓе од земјите од Западен Балкан е организирано во Србија.
Тој не разбира како може некој да критикува оти странски државјани допатувале во Србија поради вакцинирање.
Вучиќ рече дека Србија не може да биде спасена ако се загрозени соседите.
„Ние не сме пуст остров, живееме заедно со другите“, рече српскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

