Регион
Вучиќ: Длабоко ме погоди веста за смртта на Михајловиќ, фудбалска легенда и патриот кој ја сакаше Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство за смртта на фудбалскиот ас, Синиша Михајловиќ.
„Бев исклучително погоден од веста за смртта на Синиша Михајловиќ, легенда на нашиот и европски фудбал и патриот кој со сите сили ја сакаше Србија.
Начинот на кој го разбираше и играше фудбал, во кој го ткаеше целиот свој живот како играч и тренер, ќе остане запаметен по неговиот уникатен талент и темперамент. Печатот на Миха во спортот е обоен од страста што ја остави на теренот, како и од искрената емоција што никогаш не ја криеше кога победуваше или кога губеше. Играта и борбеноста со која ја подигна „Ѕвезда“ на светскиот врв, одбележувајќи дел од најблескавата историја на овој тим и српскиот фудбал, одамна се влезени во аналите на фудбалот.
Малку се зборовите кои би можеле да ги опишат неговите маестрални подвизи на теренот, а сите се сеќаваме на нив, како и на извонредните голови со кои предизвикуваше ентузијазам и кои секогаш гордо и искрено ги посветуваше на својот тим, семејството и земјата, исто како што тој играше. Така се справи со страшната болест – борбено и со крената глава, со нескротлив дух, каков што имаше на теренот.
Тој беше врвен спортист кој го почитуваа и соиграчите и противниците, а стилот на игра на Миха ќе остане трајна инспирација и пример за генерации млади фудбалери. Изразувам длабоко сочувство до семејството, пријателите и обожавателите на Синиша Михајловиќ. Нека почива во мир“ – напиша Вучиќ на Инстаграм.
View this post on Instagram
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

