Регион
Вучиќ: Договорот за името е добра вест за целиот регион
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференција по средбата на „Балканската четворка“ во Солун, со премиерите на Грција, Бугарија и Романија, изјави дека во услови кога Европската Унија не секогаш дејствува единствено, овие четири земји се обединети и ги решаваат проблемите во овој дел на Балканскиот Полуостров.
„Никогаш не сум се мешал во суверени прашања на други држави, како што е името на вашиот северен сосед. Сепак, секој жител на Србија кој гледа дека двете земји кои имаат спротивставени ставови постигнаа договор мисли дека ова е добра вест за целиот регион. Би сакал тоа да продолжи и во иднина, без да навлегуваме во сопствените интереси на земјите“, објасни Вучиќ додавајаќи дека сето она што се одложува во иднина се враќа како бумеранг.
Вучиќ додаде дека со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, разговарале за железничката пруга Белград-Скопје-Солун, како и тоа дека Србија ги завршува патиштата и ќе го заврши својот дел од автопатот до бугарската граница, како и границата со Македонија. Кога станува збор за односите помеѓу Белград и Приштина, тој им заблагодари на Грција, Романија и Бугарија за подготвеноста да го слушнат ставот на Србија по ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Никогаш нема да ја заборавам бабата која стои, чека и го повторува името на внуката“: Мајорката која меѓу првите влезе во „Рибникар“
„Траума што се уште ја минувам и денес“, „Сигурна сум дека добро ќе се сеќаваме на тој кобен 3-ти мај, бидејќи тоа е колективна траума и моја лична траума што ја доживеав и ја преживувам до ден-денес. Сакам да живеам во убедување дека такво нешто никогаш повеќе нема да се повтори“, вели полициската мајорка Бојана Отовиќ Пјановиќ во пресрет на годишнината од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Таа беше меѓу првите кои стапнаа на местото на трагедијата на 3 мај минатата година – во зградата на основното училиште „Владислав Рибникар“, каде неколку минути претходно беа убиени девет ученици и еден чувар.
Како што раскажа, тој кобен 3 мај започнал со секојдневни работни активности. Таа била на работното место кога добиле информација дека во училиштето „Владислав Рибникар“ се пука.
„Веднаш излеговме на местото на настанот“, изјави полициската мајорка.
Била убедена дека се работи за лажна пријава, не сакала да прифати дека такво нешто се случило на училиште.
– На пат кон училиштето веќе добивме официјална информација дека се случил масакр како што се случил и дека неколку ученици се повредени и ги загубиле животите, бидејќи и момчето масовен убиец сам се пријавило во полиција, велејќи дека го направил она што го направил – додава таа и истакнува дека се обидува да ги заборави сликите и сцената што ја затекнала при влегувањето во училиштето.
„Бабата стои, чека и го повторува името на нејзината внука, многу и е тешко да зборува за сето ова“, раскажува таа.
– Најзапаметена слика за мене беше, претпоставувам дека тоа беше токму моментот кога дојдов на местото на настанот со моите колеги, баба која стои, чека и го повторува името на нејзината внука – се присетува мајорката.
Како што раскажува сите се надевале и мислеле дека е невозможно 13-годишно дете да направи нешто толку страшно во основно училиште.
„Сите очекувавме дека тоа ќе биде некаква дезинформација. Како и да е, влегувајќи во училиштето, наидувам на сцена која се обидувам да ја заборавам, но никогаш нема. Понатаму, да не зборувам, во училницата каде што беше одделението седмо два, страшна сцена“, вели Отовиќ Пјановиќ.
Како што наведува, сигурна е дека „многумина се уште бараат одговор на прашањето – „Зошто?“.
„Сигурна сум дека многумина од нас сè уште бараат одговор на прашањето зошто и што е тоа што требаше некаде да ни биде евидентно, за ние како училишни работници и како родители да забележиме дека нешто треба да се направи со цел ова да се спречи“, заклучува таа.
Денеска се одбележува првата годишнина од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
Цвеќиња и запалени свеќи се оставени на посебно плато пред училиштето каде се поставени фотографии и имиња на убиените деца и чувари на основното училиште „Владислав Рибникар“.
Според тамошните медиуми родителите по пристигнувањето на местото на настанот се прегрнале.
Во 08:41 часот пред училиштето една минута се слушаа сирени.
Сите програми во Србија беа прекинати една минута во 08:41 часот. Црн екран и порака: „3 и 4 мај. Се сеќаваме“.
Во паркот Ташмајдан, местото каде што пораснаа убиените деца и кое беше нивното омилено место за играње, беше поставен видео бим на кој се прикажуваат фотографии од жртвите.
Регион
(Видео) Една година од масакрот во училиштето во Белград, беа убиени девет ученици и чуварот
Помина точно една година од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.
На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.
На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.
„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.
На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.
Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.
Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.
„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.
Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.
Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.