Регион
Вучиќ за палењето на српското знаме во Тирана: Албанската држава реагира сериозно и одговорно
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со обидот за палење на српското знаме во Тирана изјави дека секогаш е недозволиво да се сквернават туѓи симболи, но дека албанската држава реагирала навремено, сериозно и одговорно, пренесуваат медиумите во регионот.
„Во некои земји секогаш е слично, но секако недозволиво е да се сквернават туѓи симболи и мислам дека албанската држава реагира навремено, сериозно и одговорно, како и самиот премиер Рама“, рече Вучиќ.
Тој зборуваше пред продолжувањето на самитот во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, што ја почнаа лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија.
Албанскиот премиер, Еди Рама, реагира на обидот за палење на српското знаме на вчерашниот протест во Тирана нагласувајќи дека за време на неговата посета на Белград на плоштадите имало албански знамиња и дека полицијата ги уапсила тие што ги запалиле.
Албанските медиуми објавија дека група демонстранти го запалиле српското знаме. Тие известија дека имало уште неколку обиди за отстранување на српските знамиња закачени во Тирана во знак на добредојде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Студентите што блокираа факултети нападнати синоќа во Белград, неколкумина завршија во болница
Седум студенти, кои во текот на ноќта го блокираа Правниот факултет во Белград, се повредени во три инциденти предизвикани од непознати лица, е објавено е на инстаграм-профилот „Студенти у блокади“, пренесе Н1.
Како што изјавија, напаѓачите фрлале стаклени и пластични шишиња кон учениците.
„Студентка била турната по скалите и паднала на главата, а потоа заедно со уште пет студенти на Правниот факултет со возило на брзата помош била пренесена во болница за да ѝ биде укажана прва помош“, напишале студентите.
По инцидентот, непознати лица пристигнале со возила за да ги тргнат доказите од Правниот факултет, велат студентите. Како што соопштија за „Фонет“ од Итната помош, студентите добиле полесни повреди.
„Според она што го видовме, во делот на работата што ја работиме тие не се значително повредени. Немаа видливи повреди. Беа вкупно седуммина“, изјави дежурниот лекар од Итната медицинска помош.
Pravni fakultet: “Prema informacijama koje trenutno imamo od svedoka, uhapšeno je samo jedno lice od navodnih šest lica koji su učestvovali u večerašnjem napadu na studente!” pic.twitter.com/d6kX9vUZDz
— Studenti_U_Blokadi (@studentblokade) January 14, 2025
Студентите бараат лицата што ги нападнале нивните колеги да бидат пронајдени, идентификувани и кривично гонети. На снимката објавена на истиот инстаграм-профил се гледа како полицијата апси едно лице осомничено за учество во нападот врз студентите.
„Според информациите што во моментот ги имаме од сведоци, уапсено е само едно лице од наводните шестмина, кои учествуваа во вечерашниот напад врз студентите“, напишаа студентите од блокадата на „Икс“.
Во Србија студентите блокираа повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети барајќи одговорност за несреќата во Нови Сад, каде што на 1 ноември 2024 година се урна натстрешник на железничката станица, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Протестите имаат цел објавување целосна документација за реконструкцијата на станицата, идентификација и гонење на напаѓачите на демонстрантите.
Регион
Во делови од Хрватска прогласено црвено метео-предупредување поради силниот ветер
Поради бурата Бора, со налети на места и до 130 км/ч, во делови од Хрватска е во сила црвен аларм.
Затворени се за секаков сообраќај автопати, а суспендирани се и многубројни линии на траекти.
Се очекува бурата да се смири утре.
Бурните ветрови и снегот веќе неколку дена го отежнуваат сообраќајот во Хрватска, а делови од земјата се покриени со снег, а бура од урагани предизвика метеоролошки аларми.
Регион
Опасни услови на патиштата во БиХ: предупредување поради мраз, снег и силен ветер
Поради ниските температури состојбата во сообраќајот во Босна и Херцеговина е отежната, а посебно внимание треба да се посвети на голомразицата. На делниците на повисоките места, каде на места има набиен снег, се препорачува дополнителна претпазливост.
Исто така, на пониските места возачите треба да внимаваат на мостовите, вијадуктите и приодите на тунелите, каде што е можна појава на мраз.
Силните ветрови создаваат снежни наноси на неколку клучни патни делници. Овие снежни наноси дополнително го отежнуваат сообраќајот, а во моментов има силни налети на ветер во Херцеговина, што го зголемува ризикот за сите учесници во сообраќајот.
Се предупредува и на чести одрони на бројни делници, што дополнително ја зголемува опасноста по патиштата. На возачите им се препорачува да возат внимателно, да ја прилагодуваат брзината на условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните предупредувања.