Регион
Вучиќ и Курти на иста маса, српскиот претседател се надева на некакво решение

Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти во рамките на дијалогот Белград-Приштина почна во Брисел околу 10:30 часот, чиј домаќин е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, а на кој присуствува и специјалниот пратеник за дијалог, Мирослав Лајчак.
Пред почетокот на средбата Вучиќ и Курти одвоено се сретнаа со Борел и Лајчак.
„Неодамнешните тензии на северот на Косово уште еднаш покажаа дека е време да се оди напред кон целосна нормализација. Очекувам и двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да најдат заеднички јазик“, напиша Борел на Твитер.
Во исто време, Вучиќ на својот официјален инстаграм-профил напиша дека се надева на „некакво решение“.
„Почеток на разговорот за суштинските проблеми на Косово и Метохија. Се надевам на какво-такво решение, иако воопшто не верувам во тоа“, изјави Вучиќ, пренесе „Н1“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
70-годишен маж почина во Хрватска: бил силуван и претепан од 36-годишник

Седумдесетгодишен маж од Чаковец, кој бил нападнат на почетокот на март, починал пред неколку дена во болница, пренесуваат хрватските медиуми. Нападот се случил на 8 март кога 36-годишен познаник го намамил во напуштена куќа во Чаковец, каде што го силувал, претепал и ограбил под закана со нож.
И покрај сериозните повреди, човекот успеал сам да стигне до болницата во Чаковец, каде што лекарите го прегледале и го пуштиле дома. Следниот ден отишол да го пријави злосторството во полиција, и повторно бил однесенво болница. Сепак, тој бил отпуштен по втор пат бидејќи лекарите процениле дека нема потреба да го задржат.
Семејството е огорчено од начинот на кој болницата постапила во случајот, истакнувајќи дека човекот бил во сериозна состојба и двапати бил отпуштен дома и покрај сериозните повреди на главата.
На крајот бил хоспитализиран во болница, каде што ги поминал последните денови од својот живот, пишуваат тамошните медиуми.
Напаѓачот, кој веќе ѝ бил познат на полицијата, бил уапсен кратко време по инцидентот. Тој е обвинет за силување и грабеж.
Канцеларијата на државниот обвинител на округот Вараждин, исто така, се огласи за случајот. Портпаролот Дарко Галиќ потврди дека истрагата е сè уште во тек.
„Со оглед на смртта на жртвата, ова повеќе не е кривично дело обид за убиство, туку убиство. Обвинетиот е во притвор. Истрагата ќе ги опфати потребните вештачења и други доказни дејствија, врз основа на кои ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, рече Галиќ.
Регион
Српски политичар објави фотографија: „Вучиќ седи во задниот ред кај шефот Путин“

Никола Сандуловиќ, претседателот на српската Републиканска партија, на Фејсбук сподели фотографија од вчерашниот прием на светските лидери во Москва, на која се гледа каде бил поставен српскиот претседател Александар Вучиќ во однос на другите светски лидери.
„Еве колку вреди српскиот диктатор Александар Вучиќ во вистинската меѓународна политика… тој седи во задниот ред кај својот шеф Путин, како и на сите други важни меѓународни состаноци каде што се собираат претседателите на земјите.
Само во Србија тој може, преку лаги, измислици и сопствени мистификации, да се претстави како значајна политичка фигура на меѓународната сцена… инаку, на овие собири секогаш може да се види што мислат за него и како се однесуваат кон него“, напиша Сандуловиќ.
Вучиќ пристигна во Москва за да присуствува на големата воена парада на Црвениот плоштад по повод 80-годишнината од победата над фашизмот.
Регион
Милановиќ: Европа лудува, војува, се вооружува

На денешен ден, пред 80 години, Загреб беше ослободен, а по овој повод во загрепската сала „Ватрослав Лисински“ се одржа свечена седница, каде што хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека проекцијата на НАТО е Хрватска да инвестира пет проценти од БДП во одбраната, што, како што рече, води кон пропаст.
Милановиќ рече дека Европа полудува, војува, се вооружува, а ниту еден одговорен државник не може и не треба да биде против вооружувањето на својата земја за да се одбрани.
„Без тоа, нема држава. Додека овде зборуваме за славното минато, постојат иницијативи за неколку години да се трошат пет проценти од БДП за вооружување и одбрана“, рече Милановиќ.
Тој објасни дека инвестицијата од пет проценти од БДП е за одбрана на иницијативите на НАТО за следниот самит, кој ќе се одржи за еден месец.
„Јавноста мора да знае за ова. Ова не се воени тајни, ова се политички факти – дека пет проценти од БДП се трошат за вооружување, за одбрана“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека во моментов Хрватска троши една милијарда и четиристотини милиони долари за одбрана, а дека според проекцијата на НАТО треба да се потрошат пет милијарди долари.
„Ова значи дека Европа ќе биде натоварена со оружје. Од кого, каде и како ќе се купува и што ќе можеме да добиеме со таа количина? Ова се теми за размислување бидејќи тоа води кон неповратност и пропаст. На овој начин, нема да изградиме среќна Европа, нема да има мир и соработка меѓу народите, нема да го има сето она поради што е Европа основана, која е сепак голем и успешен мировен проект во кој либералните демократии, со сите свои недостатоци, соработуваат и не војуваат“, рече Милановиќ, објави загрепски „Јутарњи лист“.