Регион
Вучиќ му пиша на Путин: „Драг пријателе, нека ти е среќен роденденот“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес му го честиташе 68. роденден на претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој во пораката вели дека многу го цени сето она што рускиот претседател го прави за нераскинливото пријателство и братство на Србија и Русија, како и за неговата силна поддршка за борбата на Србија за заштита на државните и националните интереси.
„Екселенцијо, драг пријателе, прими ги моите роденденски честитки, со искрени желби за добро здравје, за да можеш мудро и упорно да ја водиш Руската Федерација на патот кон успехот и просперитетот, зајакнувајќи ги нејзиниот углед и влијание во светот“, наведува Вучиќ во честитката.
Тој посочува дека високо ја цени цврстата поддршка на Путин за одлучната борба на Србија за заштита на виталните државни и национални интереси, пред сè на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија. Вучиќ исто така додава дека со задоволство се сеќава на претходните средби со Путин, како можност за „отворена размена на мислења и идеи за различни прашања од заеднички и глобален интерес“.
„Благодарен сум ви што секогаш можете да слушате и, без оглед на тежината и сложеноста на нашата геополитичка, воена и економска позиција, да покажете разбирање за нашите ставови. Тоа е одраз на вашата човечка и државна мудрост, како и на докажаното пријателство со српскиот народ“, истакнува Вучиќ.
Тој посочува дека е убеден дека и во наредните години ќе продолжат да градат значајни односи.
„Искрено се радувам што наскоро ќе имам повторно чест да ве угостам во нашата Србија“, се вели во честитката на Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.

